Во Стајковци во оглед на фактот дека беше најпогоденото населено место од поплавите слободно можам да кажам дека од ден на ден ситуацијата значително се подобрува, вели министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој е координатор во ова населено место.
„Стајковци брои околу 1.050 куќи и над 5.000 населени од кои над 70 проценти од куќите беа зафатени во голем дел од поплавите. Оние куќи кои имаат само приземје се целосно поплавени, без услови за живеење, оние кои се на кат приземјето им е поплавено со услови за престој само на првиот или вториот кат. Огромен број на куќи беа погодени од поплавите. Мора да го сфатиме обемот на катастрофата која што се случи во скопско. Метеоролозите велат дека ваква поплава се нема случено во изминатите 1.000 години. Огромен број поплавени куќи, многу наврнат дожд. Ако земеме во предвид дека Стајковци се наоѓа по планинско-ридски простор може да претпоставиме колкава маса на вода се има спуштено во куќите во ова густо населено место“, вели Спасов за ТВ Нова.
Тој додава дека денес е воспоставен посебен оперативен штаб од АРМ.
„Од ден на ден ситуацијата се подобрува. Во моментов имаме околу 1.000 работници кои се распределени по најкритичните места, кои го расчистуваат шутот, ја вадат водата од дворовите. Денес останат е мал број на куќи од кои е останато да се испумпа водата. По процесот на целосно испумпување на водата од домови и дворовите, кој е при крај, следува вадење на калта што ќе се одвива во неколку фази“, објасни Спасов.
Министерот додаде дека, според последните информации, околу 50-60 проценти од домовите се исчистени. Во соработка со Црвениот крст во текот на денот ќе бидат дистрибуирани околу 7.000 оброци.