Албански театар-Скопје со „Магбет“ на Шекспир вечерва на „Охридско лето“

Драмската програма на 56-тото издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со третата Шекспирова претстава, со изведбата на „Магбет“ во продукција на Албанскиот театар од Скопје, во режија на Диана Добрева од Бугарија.

Како што беше истанато на прес-конференција, публиката вечерва ќе може да разбере зошто токму со оваа постановка на „Магбет“ театарската куќа го прослави јубилејот 65 години од основањето.

„Она што е многу важно е што ја запознавме Диана Добрева, нејзин беше предлогот да се работи „Магбет“ и драго ни е што како продукција го прифативме нејзиниот предлог и што таа соработка резултираше со ваков продукт“, рече Анита Латифи од НУ Албански театар-Скопје.

Режисерката Добрева рече дека нејзината најнова претстава е резултат на особениот впечаток што врз неа ја оставаат драмските дела во кои се обработуваат силни женски ликови.

IMG_6055-300x200

„Многу интересно е да се работи Шекспир на албански јазик. Тоа воопшто не е лесно, но е мошне интересно бидејќи сметам дека албанскиот јазик е мошне магичен за сцена, дава мистериозна нишка на самото дело“, рече таа.

За „Магбет“ таа рече дека е актуелен текст што бил таков уште при неговото создавање, уверена дека така ќе остане, како што истакна, до самиот крај на светот.

„Човекот за мене е апсолутно неверојатно суштество што живее во апсурдот, кое својот еден кус животен век неконтролирано го троши во некаква постојана борба за власт. Интересна ми е темата што е тоа што човекот го носи во својата природа, што е тоа што го тера постојано да води некакви лични битки само да се наметне над другите луѓе“, рече Добрева, во чија претстава секој од актерите постојано го турка својот ковчег, на тој начин потенцирајќи го апсурдот на живеењето – да си смртен, а да се однесуваш како да ќе живееш вечно.

Теута Ајдини Јегени, која ја толкува ролјатa на крвавата Леди Магбет, рече дека да се игра улогата на најголемите манипулатори во историјата на светската драматургија е остварување на сонот на секоја актерка.

„За да се игра таа улога се потребни три компоненти што треба да ги поседуваш како актер – големо искуство, исклучителна ангажираност и посветеност кон улогата и, како најважно – добар режисер зад себе. За моја среќа, мислам дека ги имав сите тие компоненти, така што сметам дека испадна една добра претстава“, рече Јегени, повикувајќи ја театарската публика да дојде и да ја изгледа нивната сценска изведба на големото драмско дело на Шекспир, за која е обезбеден и превод на македонски јазик.

Поради непредвидливите временски прилики, претставата „Магбет“ наместо на Долни Сарај вечерва ќе се игра во големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 21 часот.

2-Small-300x200