Портпаролот на СДСМ и пратеник, Петре Шилегов, денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„Пратеничката група на СДСМ и опозицијата, согласно Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието денеска поднесе барање за свикување на итна и недоложна седница на Собранието.
Бараме итна собраниска седница со една единствена точка на Дневен ред:
Состојбата во подрачјата погодени од временските непогоди кои се случија на 6 август 2016 година во околината на градот Скопје.
Предлагаме и конкретни заклучоци со мерки коишто треба веднаш да бидат преземени за да им се помогне на граѓаните.
Собранието мора да расправа за оваа состојба и што е уште поважно пратениците мора да ги донесат предложените заклучоци за да се исполнат условите за задоволовување на минималните потреби на граѓаните кои се погодени од временските непогоди.
Ова барање го поднесуваме поради нужноста да им се помогне на граѓаните на кои во овој момент тоа им е најпотребно.
Собранието на Република Македонија, ние, како луѓе пред се, имаме уставна и човечка должност да им помогне на овие граѓани.
Ги повикуваме сите пратенички групи и пратеници во Собранието на Република Македонија, да го поддржат нашето барање.
Сега не е време за политика, сега е време за помош на граѓаните, на дело да ја покажеме нашата хуманост.“– рече Шилегов.