Направени се над 1.200 проценки на штета на домаќинствата, околу 300 машини и 1.200 пумпи се на терен во местата зафатени со поплавите во Скопско, информира министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при денешната посета на Страчинци заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Тој нагласи дека месното население во Страчинци е одлично организирано и соработува со луѓето што ги управуваат машините.
Информира дека за само три дена веќе целосно се расчистени улиците.
Денеска почнува расчистувањето на дворовите, а потоа ќе следи и расчистување на приодите кон земјоделското земјиште.
Во селото, како што истакна претседателот на месната зедница Аднан Ајрула, е формиран кризен штаб кој на дневна основа комуницира со градоначалникот на Град Скопје и градоначалникот на општина Гази Баба и договараат агенда за наредниот ден што ќе се работи.
Агендата, како што рече, се исполнува во целост веќе наредниот ден.
Ајрула изрази задоволство од помошта на државните органи за нормализација на ситуацијата и информира дека веќе целото село е приклучено на електрична енергија. Половина од жителите имаат добиено вода, а другата половина се очекува вода за пиење да добијат во текот на утрешниот ден.
Нагласи дека од општина Гази Баба веќе ги добиле неопходните цевки за досредување на водоводот.
Ајрула најави дека за утре граѓаните самоиницијативно ќе го исчистат училиштето и ќе го оспособат за во него да почне наставата. – Тоа што го ветивте се исполни. Мислевме за 30 дена нема да влеземе во куќите, се се расчисти за три дена, рече Ајрула.
Тој го информира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека водата од Смилковското езеро не се прелеала, а браната ги издржала сите налети.
Стручни екипи констатирале дека браната одлично го издржала невремето и доколку попуштило езерото ќе имало многу поголема штета во Стајковци и Сингелиќ.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски најави дека наскоро ќе почне и обновата на улиците кои беа поплочени со бекатон.
Локалните жители од општината побарале само да го направат тампонот, а тие сами ќе се снајдат за бекатон.
Во понеделникот Груевски заедно со министерот Мисајловски беа во посета на ова населено место каде што имаше огромни штети, а само за три дена речиси е целосно оспособено селото нормално да функционира.
Селаните се задоволни од помошта што им ја пуштаат властите и очекуваат многу скоро целосно да биде направен асфалтниот пат од селото до обиколницата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ќе продолжи со посета на Црешево, Виниче, Раштански лозја, Смилковци.