Денес започнаа уписите за додипломски студии во академската 2016/2017 година на три од вкупно петте државни универзитети. Кандидатите се пријавуваат за прием во прва година од прв циклус на студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид. Првиот уписен рок на Државниот универзитет во Тетово започнува утре, а на „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје во четврток.
Согласно годинашниот конкурс, предвидени се вкупно 24.356 места, од кои 13.536 за редовни студенти во државна квота, 7.327 места за студентите со кофинансирање и 3.493 слободни места за вонредни студенти.
Најмногу слободни места има на скопскиот државен универзитет, вкупно 10.535. На штипскиот слободни се 5.238 места. Државниот универзитет во Тетово понуди 4.600 студентски места. На битолскиот универзитет има место за 3.543 студенти, додека на охридскиот за 440 студенти.
Студентите кои ќе се запишат како редовни, односно ќе влезат во државната квота ќе плаќаат 200 евра годишно во денарска противвредност, а студентите кои ќе се запишат како редовни студенти во квотата со кофинансирање, како и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра годишно, во денарска противвредност. Студентите пак, кои ќе се запишат на дисперзираните студиски програми на сите јавни високообразовни установи во Република Македонија, ќе плаќаат 100 евра годишно, во денарска противвредност.
Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски при објавувањето на конкурсот посочи дека истиот е креиран врз основа на анализите на понудата и побарувачката на пазарот на трудот, како и проекциите за идните побарувани занимања, додавајќи дека идните студенти треба да обрнат посебно внимание на техничките струки, особено на информатиката, инженерството, градежништвото, производството, како и на природните науки и математиката.