„Кокино-Тврдина на сонцето“ – културно-едукативен хепенинг на локалитетот Кокино

Во рамките на проектот на Владата на Република Македонија и Министерството за култура, „Кокино-македонски бренд“ во недела на 21 август на локацијата на мегалитската опсерваторија Кокино која според НАСА се наоѓа на високото четврто место на најстарите опсерватории во светот, во организација на продукцијата Пасворд ќе се реализира културно-едукативен хепенинг насловен „Кокино-Тврдина на сонцето“.

Како дел од програмските активности кои ќе започнат во 17 часот, за посетителите бидат организирани едукативни тури до опсерваторијата, ќе се одржат и повеќе работилници за керамика, филигран, компостирање, оригами, а паралелно ќе се одвиваат и предавања од областа на астрономијата. Во вечерните часови со почеток во 19 часот ќе се одржи поетско читање по што следува музичка програма во чии рамки ќе настапат Мухамед Ибраими, Фолтин и Кирил Џајковски. Настанот планирано е да заврши околу полноќ со проекција на краткометражни филмски проекции во рамките на кино под отворено небо.

Настанот ќе биде од хуманитарен карактер и сите донирани средства од посетителите ќе бидат наменети за жителите од поплавените подрачја.

Претходно како дел од четиригодишниот проект „Кокино –македонски бренд“ кој е во насока на промоција и афирмација на првото регистрирано планинско светилиште од бронзено доба на територијата на Република Македонија беа реализирани низа настани. Во Археолошкиот музеј на Македонија беше одржан Меѓународниот научен симпозиум на тема „Кокино – археолошки и астрономски аспекти – паралели и искуства“ и изложба на фотографии од локалитетот Кокино видени низ објективот на еден од најистакнатите македонски фотографи Љупчо Илиевски, додека Музејот во Куманово ја реализираше изложбата „Кокино – тврдина на Сонцето“ на која беа презентирани околу 150 артефакти откриени за време на археолошките истражувања на овој локалитет.