Уште две седмици не делат од почетокот на „Пиволенд 2016“. Она што е најважно за овој фестивал е секако големиот избор на различни пива за дегустација, но добро пиво не оди без добра музика.
Секоја година, организацијата се труди да ги задоволи сите музички вкусови, па така и оваа Пиволенд изобилува од музичко шаренило.
Од рок, метал, преку поп музика па се до фолк, етно, трап, техно, дабстеп и рап.
Пет фестивалски денови кои започнуваат секојдневно во 18:00, а ќе траат се до раните утрински часови. На главната бина ќе може да ги видиме: Нокаут, Дани, Тамара, Тијана Дапчевиќ, Рибља Чорба, Влатко Илиевски и Акустик Дивижн, Чил Плеј, Блек Енд Вајт Социал Клуб, Проџект Орфеус, Јаков Дренковски, Министерке, Ефто Пупиновски, Фолтин, Тотално Опуштање, Флукс, Дј Славе, Дј Глодаракс, Студени Нозе, Трибјут ту Колдплеј, Левис Оркестра и многу други. Фестивалот секој ден ќе го отвараат победниците од конкурсот за млади бендови. Покрај главната сцена, атрактивен ќе биде и Бла Бла стејџот каде што ќе има учество на најдобрите млади музичари и диџеи од андерграунд македонската сцена. На третата бина ќе преовладува електронскиот звук- техно, хаус, прогресив.
Пивото, музиката и вкусните деликатеси се еквивалент на мотото на фестивалот- „Дојди, види, испиј!“
Пиволенд 2016 по деветти пат на Скопското Кале од 31 август до 4 септември.