Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Унгарија, на Италијанската Република и на Соединетите Мексикански Држави во Р. Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Унгарија, на Италијанската Република и на Соединетите Мексикански Држави во Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Унгарија во Република Македонија, Н.Е. г. Иштван Ласло Дукс, претседателот Иванов ги истакна одличните односи кои ги карактеризира искрено пријателство и заемна поддршка и почит и изрази надеж дека во наредниот период ќе се продлабочи започнатата активна соработка во повеќе сфери, особено во економската.

„Верувам дека мерките и активностите што ги преземаат македонската и унгарската влада за постојано подобрување на инвестициската и вкупната деловна клима во своите земји, ќе придонесат за поплодотворна соработка и на ова поле”, истакна македонскиот претседател.

Заблагодарувајќи се за сета досегашна конзистентна и отворена поддршка која Унгарија и ја дава на нашата земја во однос на нејзините евроатлански аспирации и во справувањето со последиците од бегалската и мигрантската криза, претседателот Иванов изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република во Република Македонија, Н.Е. г. Карло Ромео, македонскиот претседател изрази задоволство од успешниот развој на билатералните односи и на соработката во разни области од заемен интерес меѓу Република Македонија и Италијанската Република и истакна дека има простор за дополнително продлабочување на соработката што ќе придонесе за збогатување на пријателските односи.

ITALIJA_1_cr

Претседателот Иванов упати благодарност за сета досегашна поддршка од Италијанската Република за реализација на европската и евроатланската перспектива на Република Македонија.

„Република Македонија заслужува да ги отпочне преговорите за пристапување во Европската Унија и да ја добие поканата за членство во НАТО без натамошно одложување. Досегашниот пристап и од Унијата и од Алијансата, предолгиот status quo во интеграциите, не само што не вроди со резултат, напротив имаше значаен негативен ефект во вкупните состојби во Република Македонија. Во време на сериозни предизвици како за Европа, така и за нашиот регион и за Република Македонија, крајно време е за промена на пристапот, а ние, подготвени сме да го преземеме својот дел од задачата за иднината на Европа”, порача претседателот Иванов.

Амбасадорот Ромео изрази уверување дека во наредниот период ќе се зацврстат уште повеќе длабоките врски кои ги обединуваат двете земји, особено преку конкретни сугестии и предлози на Самитот на Процесот за земјите од Западен Балкан во 2017 г. кога ќе започне италијанското претседателство, а чии приоритети ја имаат вредноста на инструмент за регионална и европска интеграција и развој.

MEKSIKO_cr

„Убеден сум дека и покрај географската оддалеченост меѓу нашите земји, постои заедничка желба и голем потенцијал уште посеопфатно да ги развиваме меѓусебните односи и соработката за доброто на нашите народи”, истакна претседателот Иванов на средбата со Н.Е. г. Марко Антонио Гарсија Бланко, новоименуваниот амбасадор на Соединетите Мексикански Држави за Република Македонија, со седиште во Белград.

Македонскиот претседател изрази уверување дека пред двете земји кои имаат исклучително големо културно и историско наследство, претстојат можности за интензивирање и унапредување на соработката преку изнаоѓање нови содржини во повеќе области од заемен интерес.

Во таа насока и новоименуваниот амбасадор г. Бланко ја истакна подготвеноста за зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји особено преку јакнење на политичкиот дијалог, инвестициите и стратешките партнерства.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.