Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска ја презентираше нацрт-методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување на радио и на телевизиските станици за време на претстојните предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат во декември годинава.
Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски соопшти дека Агенцијата изготвила нова методологија која ќе важи само за претстојните избори и оти таа се темели на францускиот модел за постигнување политички плурализам надвор од изборни периоди. Со новите измени радиодифузерите ќе мора да обезбедат балансирано известување 100 дена пред одржување на изборите. Досега мониторинг се вршеше од почетокот на изборните кампањи, што е 20 дена пред одржувањето на изборите. Со новите измени, периодот на мониторинг е продолжен за уште 80 дена.
Од АВМУ направија допрецизирања во делот на методологијата што се однесува на известувањето за активностите на претставниците на власта во функција на изборно медиумско претставување. Според новата методологија коментарот, како новинарски жанр, ќе треба да биде јасно одделен од другите новинарски жанрови како вестите, извештаите, интервјуата, репортажите итн.
Претставниците на најголемите телевизии во Македонија реагираа дека АВМУ врши упад во последните измени на изборното законодавство со тоа што од мониторингот се изземени интернет порталите.
Според Иван Мирчевски директор на „Канал 5“ и претседател на Македонската медиумска асоцијација досегашната пракса покажала дека токму на порталите се најчестите примери на ширење говор на омраза. Тој рече дека новата методологија, за која во петок ќе се расправа, остава простор за субјективно казнување на медиумите.
Со сличен став излезе и Боби Христов од Телма, кој истакна дека агенцијата треба исто така да го следи начинот на кој известуваат интернет медиумите.
Од АВМУ соопштија дека во консултација со меѓународни организации одлучиле да не го следат интернет порталите бидејќи нема јасна дефиниција за тоа кои електронски медиуми спаѓаат во категоријата „интернет портал“. Од агенцијата посочуваат дека во Македонија нема регистар на интернет портали и оти и во меѓународна пракса не се врши нивен мониторинг.
Извор: meta.mk