Бројот на даночни обврзници коишто ја реинвестирале добивката во 2015 година во однос на 2014 година се зголемил за 73,56%, износот на реинвестираната добивка во 2015 во однос на 2014 година се зголемил за 83,34%, а износот на остварената добивка кај овие даночни обврзници кои извршиле реинвестирање на остварената добивка, се зголемил за 60,80 отсто.
За ова прашање, министерот за финансии Кирил Миноски вели дека ориентацијата на Владата е политиката на ниски даноци и политиката во која приватниот сектор ќе располага со најголем дел од средствата.
Основната цел на даночните ослободувања на реинвестираната добивка е во суштина најголемиот дел од паричните средства кои ќе се инвестираат во нова технологија во опрема, да повторно се вратат во самите компании затоа што во приватниот сектор се создава нова вредност преку креирање на производи и услуги. Врз основа на податоците коишто ние ги имаме, покажано е дека речиси 22 милиони евра се вратени повторно во компаниите со помош на оваа мерка. Значи компаниите платиле помалку 22 милиони евра даноци. Со тоа се создале услови овие средства да ги инвестираат за унапредување на деловните процеси за воведување нови технологии, подобрување на вештините на нивните вработени, а сето тоа во крајна линија придонесува за креирање на нова вредност на ниво на компаниите. И повторно значи дополнителни приходи за државата преку поголемиот број на даноци коишто ги плаќаат квантитативно во државниот буџет.