Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 40. седница во Истанбул изразил сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид, поради бројните инфраструктурни проекти кои беа предложени, што потврдува дека тие најверојатно би предивикале значителни потенцијални влијанија врз исклучителната универзална вредност на регионот на Охрид.
По одлуката на Комитетот, неколку еколошки активисти покренаа кампања „Вредно е!“, а од вчера е распишана и онлајн петиција за зачувување на единствената локација под УНЕСКО во државата. Петицијата до сега е потпишана од 16.167 луѓе кои бараат власта да се повлече од намерата за реализација на проектите, вклучувајќи го експресниот пат Охрид – Пештани преку Галичица, скијачкиот центар на Галичица, новата елитна населба во Студенчишко блато и туристичко-развојната зона во Љубаништа.
„Сите ние го имаме правото и должноста да го зачуваме ова наследство и да го пренесеме на идните генерации, не само во Македонија, туку и на следната генерација во светот. Затоа ја започнавме кампањата, барајќи мораториум на овие деструктивни проекти и целосна имплементација на законот за управување на природното и културно наследство во регионот на Охрид“, се вели во онлајн петицијата.
Извор: meta.mk