Припадниците на инженерскиот баталјон на Армијата на Република Македонија, денеска со контролирана експлозија ја уништија карпата која по големите поплави претставуваше закана за жителите на Шипковица и овој регион.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој присуствуваше на минирањето посочи дека по големите поплави минатата година и неодамнешните поплави беше утврдено дека постоеше опасност по жителите на селото и околниот регион од пет големи карпи. „По рачното отстранување на големата карпа над селото и денешното минирање на четири дополнителни карпи, целосно ќе се отстрани опасноста по населението во овј регион. Со овие активности на Армијата, во голема мера го заштитува населението од природните непогоди и од можноста овие карпи да направат голема штета на селото Шипковица“, додаде министерот Јолевски.
Заменик-командантот на Баталјонот, потполковникот Илчо Заковски, објасни дека се извршени подготовки за уривање на четири карпи, две по селото и две над селото Шипковица со вкупна големина од околу 300 метри кубни. „Беа изработени минерски бушотини, за двете карпи беше поставен 20 килограми експлозив и ќе се изврши нивно внатрешно уривање“, додаде потполковникот.
Армијата на Република Македонија со свои припадници и механизација во секое време им е на помош на граѓаните на Република Македонија. Пример за тоа е помошта за населението во регионите зафатени со неодамнешните катастрофални поплави.