Шекеринска: Ќе отвораме работни места и тие ќе обезбедуваат достоинствен живот

Заменик претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, денес при посетата на Велес, во изјава за медиумите истакна:

„И денеска во Велес ги слушаме истите заложби, истите барања и истите поплаки од граѓаните кои ги слушаме низ цела Македонија. А тоа е, дека се поголем и поголем е бројот на млади кои засекогаш ја напуштаат својата татковина.

Најголемиот дел се соочуваат со проблемот број еден во нашата држава, а тоа е невработеноста.

Но дури и оние коишто ќе успеат да добијат работно место мака мачат да ја прехранат фамилијата, да ги платат сметките и да размислуваат за развој на своето семејство. Заради тоа нашата главна порака, нашата главна цел во Програмата на СДСМ ќе биде да се обезбедат повеќе работни места, и за младите, и за сите оние коишто ги немаат, но и тие да обезбедуваат подобри услови, подобри плати и поквалитетен живот.

Една од мерките со којашто сметаме дека тоа ќе се постигне е со враќање на 15% од вкупно платениот ДДВ. Тоа значи дека секој којшто купува во продавница, секој кој ги плаќа сметките, секој којшто купува училишен и школски прибор за своите деца, 15% од сите пари коишто инаку и ги плаќа на државата ќе ги добие назад во семејниот буџет.

Дополнително една од првите мерки којашто ќе ја направиме е да ја зголемиме минималната плата во Македонија веднаш на 12 000 денари. Ќе важи за сите сектори во економијата и сметаме дека на тој начин останатите плати ќе забележат сличен пораст.

Дополнително сметаме дека со 20 до 50 милиони евра од Буџетот којшто ќе ги насочиме кон малите и средни домашни фирми ќе влијаеме на создавање на подобри работни места коишто ќе исплаќаат и поквалитетни и подобри плати за граѓаните на Р.Македонија.

Над 500.000 граѓани во оваа држава живеат под границата на сиромаштија. За да го решиме тој проблем мора да отвараме можности за нови работни места, но работни места коишто ќе нудат шанси за достоинствен живот.

Тоа ќе го направиме по декември, веднаш по промената на оваа себична и неодговорна власт.“- рече Шекеринска.

6246-RSekerinska290816

Одговори на новинарски прашања:

Медиуми: На вашата мерка за поврат на ДДВ-то пред некоја година како одговор добивте наградна игра фискална сметка?

Шекеринска: Се виде колку добрите предлози не минуваат кај досегашната лоша власт. Дадовме предлог којшто да беа мудри, да беа одговорни можеа дури и да го превземат, меѓутоа наместо тоа тие сакаат да тераат кампања, да ги потрошат парите од буџетот, а парите кај граѓаните не се вратија. Еве сега можеме да се навратиме во претходните две години и да видиме каков ќар добија граѓаните на Македонија од наградната игра. Освен што Ставревски се сликаше пред да даде оставка, македонските граѓани не добија назад пари во џебот. Нашите мерки значат помалку кампањи, нашите мерки значат помалку сликање и пропаганда, но значат сигурни пари во џебот на оние граѓани којшто си ги плаќаат даноците во државата.

Медиуми: Ќе има избори во декември вие сте задоволни од бројот на избришаните фантомски гласачи, и она што се случува со медиумите во Македонија?

Шекеринска: Воопшто не е прашање дали некој во партиите е задоволен или незадоволен од овој процес. Прашањето е дали граѓаните на Македонија ќе добијат шанса за фер и демократски избори. Процесот којшто се одвиваше во ДИК покажа а и потврди дека во Македонија постоеле голем број на фантомски гласачи кој сега веќе нема да ги има во списокот, бидејќи оние граѓани кои не беа фантоми се пријавија, се регистрираа, и се на списокот. Меѓутоа сега е прашањето кој досега ги злоупотребувал гласовите на оние 30.000 којшто сега веќе ги нема во списокот, прашање е и кој ги злоупотребувал, гласовите на луѓето во дијаспората коишто исто така имаат право на глас, но очигледно некој друг гласал во нивно име. Ние сметаме дека до 31 август можат да се исполат сите услови којшто беа предвидени во Договорот од 20 јули оваа година. Ако има политичка волја, решение на 31 август и одлука за избори ќе има. Македонските граѓани долго време чекаат крај на кризата и долго време знаат дека првиот чекор за крај на кризата се фер и демократски избори, ништо повеќе, но исто така ниту ништо помалку. Ако повторно не се случи ВМРО ДПМНЕ и ДУИ да бегаат од фер избори, убедени сме дека на 31 август може да се донесе добра одлука за Македонија.

Медиуми: И без затворено прашање за медиумите?

Шекеринска: Не, со затворено прашање за медиумите. Договорот од 20 јули е многу јасен содржи мал број на услови и тие мора да се задоволат за да се донесе одлуката за фер и демократски избори.

RSekerinska290816_3