ДИК: Избирачкиот список е прочистен и конечен

Државната изборна комисија денеска соопшти дека избирачкиот список е конечен, односно дека завршил процесот на неговото прочистување.

„ДИК заклучи дека во законскиот рок од 10 дена по истекот на рокот за пријавување, во согласност со објавениот јавен повик, не беше поднесено барање од три или повеќе члена на Државната изборна комисија за дополнителна проверка за кое било од лицата што се пријавиле во текот на увидот. Со тоа, извештајот за спроведената постапка за пријавување на граѓани чии записи во избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни записи, односно за кои има несовпаѓање на податоците за граѓаните кои беа предмет на проверки во избирачкиот список, од 23 август 2016 година е конечен. Горенаведениот заклучок станува составен дел на извештајот“, соопшти Комисијата.

Државната изборна комисија, исто така, соопшти дека денеска до четирите најголеми политички партии ќе достави писмено известување за „извештајот за спроведената постапка за пријавување на граѓани, чии записи во избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни записи“, заклучокот од денешната седница, кој е дел од извештајот, како и информација за состојбата со избирачкиот список по завршената постапка за пријавување на граѓаните.

Извор:meta.mk