Договор за помош вреден 330.000 евра за санирање на најкритичните точки на браните на реката Пена во Полошкиот регион денеска потпишаа министерката за локална самоуправа Ширет Елези и постојаниот претставник на УНДП Лујза Винтон.
„Безбедноста на граѓаните е на прво место. Министерството за локална самоуправа преку своите програми со поддршка на меѓународната заедница ќе продолжи со директна поддршка за целосно отстранување на ризиците од излевање на реката Пена и заштита на населението во Полошкиот, но и во другите плански региони во државата“, истакна Елези.
Потсети дека изминатата година со поддршка на УНДП се подготви темелна анализа која што ги лоцира ризиците од поплавите во Полошкиот регион.
„Најкритични точки се трите целосно уништени брани на реката Пена, чистење на речното корито и негова санација во должина од скоро два километри и продолжување на регулацијата во урбаната зона во должина од еден километар“, рече Елези.
Според Лујза Винтон, екстремните временски настани се наша нова реалност и дека она што ни се случуваше на секои 100 години сега може да се очекува на секои 50 па дури и почесто.
„УНДП внимателно ги анализираше ризиците од поплави во Полошкиот регион истовремено со други студии на сите речни корита и планински поројни реки во земјата. Во секој случај, овие студии посочуваат широк спектар на мерки кои можат да се преземат за да се заштитат животите и имотите на луѓето и да се спречи екстремното време да предизвика катастрофа“, истакна Винтон.
Додаде дека е потребно да се инвестира во инфраструктура, како што се браните кои ќе се поправат во горниот тек на реката Пена над Тетово со цел да се намали брзината на водата и да се запрат цврстите предмети кои ги носи реката.
„Основно правило на ОН е дека за секој еден долар кој го инвестираме заштедуваме седум долари кои би биле потребни на вонредни активности и обнова,“ рече Винтон и додаде дека истовремено со поправката на овие три брани заедничкиот проект ќе ја финансира и реконструкцијата на системот за рано алармирање на 120.000 жители на Полошкиот регион кои се соочуваат со заканата од поројни поплави.
Реконструкцијата и поправката на трите оштетени брани на реката Пена се очекува да заврши до крајот на оваа година.