Триесет и двајца вработени во Армијата на Република Македонија прворангирани за купување стан преку проектот „АРМ мој вистински дом“ денеска ќе ги дознаат броевите на становите од првата зграда и сумата која ќе треба да ја исплаќаат во наредните 20 години.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски информира дека во текот на наредната недела ќе биде поставен камен темелник на првата зграда од 32 стана.
„Досега се имаат пријавено над 250 припадници на Армијата кои се заинтересирани да го решат своето станбено прашање преку овој проект и во текот на следната година ќе почне изградбата на сите преостанати станови за реализација на овој проект. Конкурсот за пријавивање ќе остане отворен перманентно и единствен лимит ќе биде да се собере доволен број на заинтересирани за да има нова зграда за градење“, истакна Јолевски.
Појасни дека условите за откуп на станови преку пректот се многу поволни.
„Цените по кои што ќе се купуваат становите се еднакви на градежната цена на станот, а ќе се отплаќаат на 240 месечни рати. Според некои анализи за еднособен стан за 35 квадрати ратата ќе биде околу 4.500 денари месечно, а за најголемиот стан од 90 квадратни метри ратата ќе биде околу 10.000 до 11.000 денари,“ рече Јолевски, и додаде дека купувачите на становите ќе треба обезбедат 20 проценти учество.
Според проектот, првата зградата се состои од подрум, приземје и четири ката. Во подрумот се сместени гаражи, на приземјето предвиден е деловен простор, а на четирите ката се становите за потребите на припадниците на АРМ. Покрај гаражите, недостатокот од паркинг простор согласно правилникот за проектирање на станбени згради е решен со паркинг места во рамките на градежната парцела. Според структурата на становите во оваа зграда има тир вида на станови, и тоа еднособни, двособни и трособни станови.