Со палењето на ѓомлезарските огнови, утринава во 8 часот, на просторот до манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Скребатно, започна четвртата туристичко- промотивна манифестација „Охридска софра“. Манифестацијата, што традиционално ја организира Општина Охрид, преку Секторот за туризам и локален економски развој,со помош на бројни спонзори и донатори, помина во несекојдневно дружење и уживање во вкусовите на традиционалната охридска кујна и музиката на групата „Низалка“, во прекрасниот манастирски амбиен каде природата се распослала со сета божествена убавина.
Туристичко промотивната манифестација „Охридска софра“ во присуство на учесниците и бројните гости, меѓу кои имаше и странски туристи ја отвори градоначалникот Никола Бакрачески, кој рече дека традиционалните рецепти за подготовка на домашна храна, претставуваат вистинско богатство на нашите домаќинства и неисцрпна можност за туристичка промоција на Охрид.
„На овој начин правиме успешен спој меѓу природните убавини и вкусот на традиционалната кујна, со што го помагаме развојот на руралниот туризам, како комплементарен дел од вкупната туристичка понуда на Охрид. Уверени сме дека нашата стратешка определба за збогатување на понудата, постојано ќе го зголемува бројот на домашните и странските гости и ќе ја продолжи туристичката сезона.
Денеска вредните учесници на натпреварот во подготвување на традиционалниот специјалитет-ѓомлезе од рано наутро ги распалија огништата, а другите учесници ги наместија штандовите на кои се изложени повеќе традиционални специјалитети, вина и други производи за здрава исхрана. Оваа прекрасна атмосфера ја надополнуваат и музичките нумери од групата „Низалка“.
Со организирањето на промотивно туристичката манифестација „Охридска софра“ симболично го означувањето крајот на годинашнава главна туристичка сезона, која според првичните проценки, беше една од најуспешните. За тоа, значајно придонесоа активностите на Локалната самоуправа за промоција на Охрид во светот и организирањето на бројни манифестации како што е и „Охридска софра“. Тоа е стратегија што дава резултати и не поттикнува постојано да ја иновираме со нови содржини кои ќе придонесат за креирање на нови атрактивни туристички пакети.
На крајот уште еднаш Ви посакувам пријатно дружење во овој прекрасен амбиент, со желба да се видиме идната година, да бидеме побројни, со повеќе содржини и со поголем број гости со кои ќе ги споделуваме овие убавини.“ – рече градоначалникот Никола Бакрачески.
По неколкучасовна подготовка, специјална комисија ги прогласи трите највкусни специјалитети-ѓомлезе. Првата награда и припадна на Ристана Божиноска, втората на Билјана Стрезоска, додека третата награда ја доби Крсте Џуклески.
Покрај ѓомлезето, присутните, на поставените штандови можеа да вкусат бројни специјалитети од охридската кујна и здрава храна што се произведува во охридскиот регион.