Ватикан утре ќе ја прогласи Мајка Тереза за светица

Папата Франциск утре на плоштадот Свети Петар во Ватикан ќе ја прогласи Мајка Тереза за светица.

Предводник на македонската државно-црковна делегација на свеченоста во Ватикан е претседателот Ѓорге Иванов.

На свеченоста, покрај Иванов, ќе присуствуваат министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, делегации на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, градоначалникот на Град Скопје, како и член на семејството на Мајка Тереза.

Своето присуство на манифестацијата во Рим го потврдија Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети.

По повод прогласувањето, во Македонија ќе се одржи манифестација „Денови на Мајка Тереза“, која ќе почне утре, а ќе трае до 11 септември.

Првиот настан во рамките на манифестацијата, односно света литургија, ќе се одржи утре во Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.

Од 5 до 11 септември во Скопје ќе има серија хуманитарни активности, а централната манифестација ќе се одржи на 11 септември, недела, во родното место на светицата, на плоштадот Македонија, кое ќе се прогласи за светилиште.

Централната манифестација во Скопје ќе ја предводи кардинал – пратеник на папата.

Организатор на прославата е Скопската бискупија, а покровител е претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Извор: meta.mk