„Ние треба да сме горди затоа што имаме сограѓанка Светица. Треба да сме горди за нејзиното дело, на сето тоа што го направила. Ние кои живеееме на истиот простор истото да го направиме, да ја продолжиме таа енергија што ја имала целиот свој живот, со истиот интензитет и намера да се шири добрина, помош и утеха”, порача претседателот д-р Ѓорге Иванов од Ватикан, по прогласувањето на Мајка Тереза за Светица.
Претседателот Иванов истакна дека тоа треба да го прават и сите наши соседи бидејќи на Балканот, како што рече, се потребни повеќе лица кои знаат тоа да го почитуваат, но и да го продолжуваат затоа што сета тајна, како што рече, е во давањето помош на тој што има потреба.
„Веројатно Мајка Тереза би била среќна да го славиме нејзиното дело, милосрдието и помошта, затоа што секој што сака да и оддаде почит треба да дава на тие што имаат потреба, да им понуди надеж и милосрдие на безнадежните”, рече претседателот Иванов, додавајќи дека нејзината мисија, сето тоа што го научила во своето детство, во својот живот во Скопје, како микрокосмос на различни религии и идентитети, го спроведувала и промовирала насекаде.
За претседателот Иванов денешниот ден е историски, со историски настан, канонизација на Мајка Тереза за Светица, на кој присуствуваше македонската државно – црковна делегација заедно со другите делегации. „Ова е ден кога целиот свет слави, на плоштадот беа присутни луѓе од сите континенти, сите луѓе кои го продолжуваат делото на Мајка Тереза”, рече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател информира дека македонската делегација, која имаше почесно место на настанот, имала куса средба со Папата Франциск, кој му потврдил на македонскиот претседател дека ќе дојде во Македонија. „Јас знам дека ќе дојдам во Македонија”, рекол Папата.
Во состав на македонската делегација, покрај претседателот Иванов, беа и премиерот Емил Димитриев, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, претставници на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и претставник на фамилијата на Мајка Тереза.