ПС-ОН Прилеп до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против Ј.Ч.(29) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,злоупотреба на службената положба и овластување“, ,,измама“ и ,,фалсификување или уништување на деловни книги“ како и против правното лице ,,СТОРИА ТРАВЕЛ“ ДООЕЛ Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,измама“ и ,,фалсификување или уништување на деловни книги“. Првопријавената во улога на управител на ТА „СТОРИА ТРАВЕЛ“ ДООЕЛ Прилеп, фирма која до 04.08.2015 година работела под називот „ВИАЏО“ со седиште во Прилеп, извршила промена на седиштето во Скопје, а седиштето кое претходно било во Прилеп го регистрирала како подружница на оваа фирма. На 03.09.2015 година поведена е Претходна постапка – предстечај со Решение од Основен Суд Скопје 2, при што е воведена и општа забрана за располагање со имотот на должникот, како и исплата од сметката, а со Решение од ОС Скопје 2 отворена е стечајна постапка над „ВИАЏО“ ДООЕЛ Скопје. Со Решение од 20.01.2015 година од Основен суд Скопје 2 стечајната постапка се заклучува и се задолжува нов стечаен управник да врши Надзор и контрола врз спроведувањето на Планот за реорганизација на „ВИАЏО“ ДООЕЛ – во стечај Скопје и да доставува Извештај за спроведување на истиот најмалку еднаш на 3 месеци до Судот и до доверителите.
Пријавената, со намера да стекне со противправна имотна корист кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година континуирано до месец август, повторно отпочнала со вршење на услуги на туристички агенции, при што со лажно прикажување дека е овластена да продава промотивни авио карти – по цени далеку поевтини одколку реалните, без да ги поседува потребните дозволи – сертификати за организирање на авио превоз – ИАТА сертификат, и без да склучува било какви Договори за соработка со авио превозниции, примала парични средства од граѓани – кои парични средства дел од граѓаните ги уплаќале на жиро сметката на фирмата „СТОРИА ТРАВЕЛ“, а додека на поголем број од нив паричните средства им биле наплаќани во готово. На дел од оштетените им издавала каса-прими, од други оштетени пак примала пари во готово пред Нотар. Исто така дел од оштетените паричните средства ги уплаќале на жиро сметка сопственост на нејзината мајка С.Ј. која жиро сметка не е сопственост на агенцијата, а голем дел од оштетените граѓани, посебно граѓани кои живеат во странство, парите и ги плаќале лично на пријавената преку услугата „Брз трансфер на пари“, особено во периодот додека се води стечајната постапка, односно пред активирањето на жиро сметката на фирмата во Март 2016 година. За целокупното работење првопријавената не водела никаква книговодствена евиденција, ниту издавала фискални сметки, ниту пак прикажувала и плаќала ДДВ. Имено, за примените пари пријавената на дел од оштетените граѓани им изготвувала Договори за аранжмани без датум на склучување на договорите, при тоа не водејќи сметка дали фирмата е во фаза на стечај, дали е со седиште во Скопје или Прилеп, при што предмет на Договор се количински определен број на авио карти со неопределен датум на лет и релација и дестинација, само со наведување на авиопревозникот, а со важност од една, три или пет години, со напомена задолжително букирање на авио картите 30 дена пред денот на летање, до 72 часа пред летот со можност за промени. На други пак, преку електронска коресподенција им доставувала само резервација за авио карта без притоа да им достави авио билет кој се обезбедува откако плаќањето ќе биде извршено. Како гаранција дека истата им обезбедила авио карти се електронски термини на летовите кои се вклучени за одредена дестинаци, додека на ниту еден од оштетените граѓани им нема доставено потврда за извршено плаќање на авио карта. Во намамувањето на граѓани пријавената кај голем дел од оштетените ја користела Е.Ј.– нејзина братучетка, која често патува во странство и има контакти со иселеници од Македонија, кои имале потреба од авионски карти за посета на Р.М. Пријавената воедно и ја вработила во нејзината фирма од 01.03.2016 година, а ја овластила и за потисник на жиро сметката од 10.07.2016. На ваков начин пријавената оштетила петнаесетина субјекти од кои едно е правно, а останатите се физички лица и притоа се стекнала со противправна имотна корист од 1.613.446 ден.