Падна авион со шест патници кај село Кожле

На 06.09.2016 година во 17,36 часот дежурен полициски службеник од РЦ за ГР „Север“ во Единицата за известување и команда при СВР Скопје пријавил дека од аеродромот „Александар Велики“ Скопје на 10 километри кон Велес се изгубил комерцијален авион со шест патника во него.

Според првичните информации од Контролата на летање известено е дека авионот бил приватен од типот „PAJPER PA 34“ со германски регистарски ознаки и дека истиот полетал од Тревизо Република Италија, а крајната дестинација му била Приштина. Над Република Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за дополнување на гориво.

Околу 18,45 часот телефонски од СВР-Велес е добиена информација, дека жител од с.Кожле, пријавил во СВР Велес, дека во атар на селото општина Петровец-Скопје слушнал експлозија, по што во околу 20,00 часот од страна на полициски службеници од ПО „Петровец“, заедно со мештани од с.Кожле пронајдени се остатоци од авионот на место викано „Јеловица“ во атар на селото. Од извршениот преглед на терен пронајдени се делови од авионот и тоа крило со една гума, метална електронска кутија, два мобилни телефони, карти за патување и една италијанска патна исправа.

Веднаш по известувањето во 18,45 часот е активиран Одделот за специјални полициски операции, од каде се ангажирани 50 полициски службеници со 10 моторни возила од Единицата за специјални задачи како и 120 полициски службеници со 15 моторни возила од Единицата за брзо распоредување.

По пронаѓањето на авионот од страна на полициски службеници од ЕСЗ е извршено обезбедување на периметарот на местото на настанот, и известен Јавен обвинител од ОЈО Скопје која излегла на местото на настанот, по што извршено е првично фотографирање, но поради немање на услови за вршење на увид, истиот согласно насоките од јавниот обвинител е планиран да продолжи во утринските часови.

Исто така по добивање на информацијата известена е и Итната медицинска помош и Единицата за противпожарна заштита од Скопје. Поради непристапноста на теренот и лошите временски услови екипата на Итната медицинска помош пристигнала на местото на незгодата околу 01,00 часот на 07.09.2016 година, додека екипата на противпожарната единица откако пристигнала во с.Кожле е вратена назад заради немање потреба од нивна интервенција.

Во текот на ноќта формирана е стручна екипа составена од Јавен обвинител, претставници од Судска медицина, истражители од Комитет за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, како и полициски службеници од Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР, ЕУМНА при СВР Скопје, УПС од СВР Скопје, Единица за насилен криминал, Одделение за крвни и сексуални деликти, потраги и ЦПС кои на 07.09.2016 година во 06,00 часот е упатена кон местото на незгодата со цел продолжување на активностите во насока на обезбедување на местото на настанот, вршење на увид, и идентификација на починатите лица, со цел обезбедување на докази на причините за авионската незгода и смрта на патниците.
Утринава (07.09) екипите кои се упатени на местото на настанот, поради лошите теренски услови во 10,00 часот пристигнале и во 10,30 часот е започнато со обезбедување на локациите за кримтехничко одбележување на трагите.

Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки и активности за утврдување на сите поединости околу авионската несреќа и целосно документирање на настанот.