Повеќе од 150 години, Црвениот крст и Црвената полумесечина е лидер во светот во обезбедувањето на обуки и реализација на активности од првата помош. Во 2014-та година, обучени се повеќе од 15 милиони луѓе низ целиот свет, во 116 Национални друштва на Црвениот крст.
И Црвен крст Охрид како едно од своите приоритетни залагања го има ширењето на знаењата за првата помош особено меѓу младите. Токму затоа, со посебно внимание се фокусираме на одбележувањето на овогодинешниот Светски Ден за Прва помош (10 септември), ден за промовирање на знаењата и вештините за првата помош, за придонес во промените за проширување и подобрување на обуките за првата помош како хуманитарен чин и клучна компонента за еден посовремен и поширок пристап. Тоа е прилика да се допре до пошироката јавност во обид да го промениме начинот на кој размислуваат за првата помош.
Оваа година главната тема е „Првата помош за и од децата“. Црвен крст Охрид гледа на децата како провајдери на прва помош и препознава дека истите сочинуваат голем процент од популацијата која добива прва помош во случај на ургентност.
Децата се значаен дел од заедницата и имаат способност да бидат инволвирани во спасување на животи на своите врсници или членови на семејството.
Од тие причини Црвен крст Охрид активностите за одбележување на Светскиот ден за прва помош ќе ги започне во предшколските установи-детските градинки каде инструкторите за прва помош на Црвен крст Охрид на најмладитее ќе им пренесат знаења и ќе им презентираат техники за укажување на прва помош и самопомош, соодветни на нивната возраст. Случувањата ќе се одвиваат во петок, 9 септември во детската градинка Лихнида во 10 ч.и детската градинка Билјана во 11:30 ч.
На 11.09.2016 (недела), на Градскиот плоштад Св. Климент Охридски од 12 ч. предвидени се јавни едукативни презентации на најнови знаења и техники за укажување прва помош од страна на инструктори по прва помош и парамедици на Црвен крст Охрид, Црвен крст Зеволде, Холандија и од Националниот здравствен сервис на Холандија. Во тие рамки парамедиците на Црвен крст Охрид ќе изведат и две показни вежби на спасување и укажување на прва помош на повредени според соодветно сценарио.