На денот на изборите на 11 декември, граѓаните на избирачките места повторно ќе бидат обележувани со невидлив спреј на палецот на десната рака, како начин да се спречи двојно гласање, наместо со црно мастило, како што беше на претседателските и на предвремените парламентарни избори во 2014 година.
Трагите од овој спреј се видливи само под светлината на специјална ултравиолетова ламба, со која ќе се врши проверката дали некој гласал претходно.
Во последната верзија на Изборниот законик од 2016 година, направена во согласност со Договорот од Пржино, како изборен материјал, покрај кутии за гласење, паравани, обрасци на записници, дневник за работа на избирачкиот одбор, блок со гласачки список според изводот од избирачкиот список, листи на кандидати, потпишан извод од изборачкиот список, графитно перниче, наведени се средствата за обележување на лицата што гласале, спреј и УВ-ламба.
„По идентификацијата, избирачот добива гласачко ливче и му се обележува со спреј палецот на десната рака, односно палецот на левата рака доколку нема палец на десната рака, притоа внимавајќи со спрејот да се опфати и ноктот на палецот. Ако избирачот нема палец на двете раце, нема да се врши обележување“, стои во ставот 6 од членот 108 на Изборниот законик.
Невидливиот спреј и УВ-ламбата првпат беа воведени на парламентарните избори во 2002 година, откако гласачките легитимации што беа воведени за локалните избори две години претходно, се покажаа како лесни за злоупотреба.
По неколку изборни циклуси, за изборите во 2014 година, спрејот и ламбата беа заменети со црно мастило, кое со маркер им се ставаше на палецот од десната рака на гласачите. Ова измена беше направена по барање на СДСМ, според кој, невидливиот спреј не нуди доволна гаранција од злоупотреба на избирачкото право.
По многу критики, обележувањето со црно мастило, кон крајот на 2014 година, се најде на дневен ред на Уставниот суд, по поднесена иницијатива од професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Татјана Каракамишева-Јовановска.
Неколку месеци подоцна, во февруари 2015 година, Уставниот суд го укина користењето на мастилото, со образложение дека со видливото обележување се нарушува тајноста на гласање, но и еднаквоста меѓу сите полнолетни граѓани со право на глас, особено меѓу тие што излегле на гласање и тие што не го искористиле своето избирачко право.
Извор:meta.mk