Договорена размена на студенти меѓу Воената академија и Западниот универзитет од САД

Министерот за одбрана Зоран Јолевски и Џозеф Шепард, претседател на Западниот универзитет од Ново Мексико, САД, на денешната средба во Министерството за одбрана договорија интензивна соработка, размена на искуства и упатување на наши питомци и размена на професорски кадар помеѓу овој значаен универзитет и Воената академија во Република Македонија.

„Постои огромен потенцијал за развој на соработката од која значаен бенефит ќе имаат и двете образовни институции. Воената академија докажа дека работи согласно највисоките стандарди, а несомнен факт за тоа е дека повеќе земји од регионот нам ни го доверуваат образованието на нивните идни офицери“, рече министерот на средбата. Тој воедно додаде дека Воената академија веќе има едно исклучително позитивно искуство со испраќање на двајца питомци на школување во Универзитетот Норвич во Вермонт и додаде дека оваа практика ќе продолжи и во иднина. „Нашите питомци добија највисоки оценки за семестарот кој го поминаа во САД и јас сум сигурен дека питомците кои во иднина ќе бидат дел и од Западниот универзитет, ќе прикажат високо знаење и способности“, порача министерот Јолевски.

Претседателот на Западниот универзитет, Џозеф Шепард посочи дека е отворен за соработка и понуди неколку области меѓу кои интензивната јазична обука, курсевите во воено лидерство, за кои рече дека се од исклучително значење, како и курсевите за криминално право и компјутерска форензика.

На средбата присутен беше и заменик-министерот за внатрешни работи, Оливер Андонов, кој изрази интерес за курсевите на полициската академија на Западниот универзитет и порача дека тоа претставува одлична можност за доедукација на кадарот во Министерството за внатрешни работи.

32