Македонските параолимпијци го завршија настапот на Параолимписките игри во Рио

Средата, 14.09.2016 година, беше последниот натпреварувачки ден во спортско стрелаштво на Параолимписките игри во Рио 2016. Настапија двајцата наши учесници во дисциплината Малокалибарски пиштол слободен избор 50 метри. Оваа дисциплина се смета за „кралска“ во пиштолски дисциплини бидејќи е исклучително напорна и тешка за изведба, метата се наоѓа на оддалеченост од 50 метри, а кругот на десетката е во дијаметар само 5 сантиметри. Исто така треба да се земе во обзир дека се стрела на отворен простор, при што атмосферските услови, особено лошите (ветер, сонце, облак, дожд…), се од пресудно значење за прецизноста и пласманот на стрелецот. Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов подготвени и со однапред договорена стратегија влегоа во натпреварот. И двајцата беа дополнително оптоварени од помислата дека во претходните настапи можеа да извлечат подобар пласман и резултат, што резултираше со малку понесигурен старт во пробните истрели и на почетокот на натпреварот, но како натпреварот одминуваше, така се подобруваа и перформансите на нашите спортисти. Тие го дадоа максимумот од себе во борбата за повисок пласман, не само во овој натпревар туку и во претходните два.

После едно и половина часовна борба, со себе и со временските прилики (беше малку ветровите, но идеално сончево време), Оливера со резултат од 528 кругови влезе во финалето како осмо пласирана. Ванчо Каранфилов го заврши натпреварот на 30-то место со за него скромни 500 кругови.

„Стрелците дадоа се од себе. Таков е спортот, некогаш оди како подмачкано, некогаш колку и да се трудите работите испаѓаат далеку од посакуваното. Во текот на целиот натпревар им сугерирав на стрелците на што да обрнат внимание за време на изведбата. Ванчо релативно доцна успеа да го исконтролира настапот и не успеа да постигне подобар резултат, кој со својот квалитет реално и го заслужува. Оливера, иако не го стрелаше својот најдобар резултат од квалификациите, успеа да се избори за финале. Борбата траеше буквално до последниот 60-ти истрел во квалификациите. Во финалето се стрелаат дополнителни истрели и сите стартуваат од нула. Оливера максимално се трудеше да се држи до договорената стратегија, меѓутоа како и во воздушниот пиштол каде што имаше два несреќни погодоци кои ја спуштија од второ на седмото место, овде во почетокот стрелаше постабилно и до самиот крај беше на разлика од 1,8-3 круга до бронзениот медал. Во четиринаесеттиот истрел погоди седумка и се оддалечи од третопласираниот на 5 кругови, разлика која не успеа да ја надополни со, за неа последните, петнаесетти и шеснаесетти истрел и го освои конечното четврто место, кое според мене е еднакво на освоен медал. Стрелаше во конкуренција на 34 најдобри стрелци на планетава во овој момент и „машки“ се избори за финале и висок пласман. Искрено им честитам на моите стрелци за борбата која ја прикажаа за време на Параолимписките игри, за храброста, пожртвуваноста и гордоста со која ги бранеа боите на нашата држава на игрите, за постигнатите резултати и пласмани. – истакна тренерот на параолимпијците Бранимир Јовановски.

Претходно, на 09.09.2016 година во дисциплината воздушен пиштол Оливера Наковска-Бикова, со резултат од 374 кругови влезе во финалето како третопласирана од квалификации и го освои конечното 7-мо место и го задржа во сопственост и во наредните 4 години параолимпискиот рекорд во квалификации (381 круг од Лондон 2012), додека Ванчо Каранфилов во истата дисциплина во конкуренција на мажи со резултат од 556 кругови го освои 16-то место. На 11.09.2016 година настапија во дисциплината Спорт пиштол 25 метри микс, Оливера Наковска-Бикова со резултат од 558 кругови се пласира на 14-то место, додека Ванчо Каранфилов со резултат од 542 кругови го зазеде 24-то место.