Посебен додаток ќе добиваат децата со цистична фиброза и од пред една недела тие можат да аплицираат до Министерството за труд и социјална политика.
Ова го најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Стајковци и потенцира дека првпат се воведува овој додаток кој го примаат родителите на децата со цистична фиброза.
„Имаше барања и иницијативи од граѓани во честите мои одења на терен. Разговарав со министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов кој позитивно реагираше и го промени правилникот со кој ја додаде оваа дијагноза во групата кои примаат посебен додаток. Така што од пред една недела е овозможено родителите на тие деца да можат да аплицираат за посбен додаток кој е градиран. Одредена сума е за оние кои се материјално обезбедена, за 30 проценти е поголем додатокот за оние кои не се материјално обезбедени и уште поголема за 15 до 20 отсто е поголем за самохраните родители“, изјави Груевски.
Посебниот додаток за дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот, менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години изнесува 2366 денари. Посебниот додаток за материјално необезбедените родители на деца со пречки во развојот изнесува околу 5500 денари, право кое во јуни 2015-та беше зголемено за 25 %.
Владата за 50 % го зголеми износот на посебен додаток за самохрани родители на дете со пречки во развојот кој сега изнесува 6300 денари.
Според Груевски, со сево ова ќе им се помогне на тие семејства, меѓу кои многу се посиромашни и немаат можност да ги покријат додатните трошоци заради состојбата на децата.