Денеска официјално започнува со работа инвестицијата на канадската компанија „OneContact“ која инвестираше во отворање на нов кол центар во Скопје, во кој ќе се вработат најмалку 200 граѓани.
One contact center е канадска компанија од услужниот сектор, од областа на телекомуникациите а ќе се врши и анализа на податоци.
На официјалното започнување со работа, беа присутни директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо, Министерот за финансии, Кирил Миновски, инвеститорот Асиф Чаудари, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Инвеститорот Чаудари информира дека се започнало пред две години во Торното каде што на конференција бил запознаен со инвестициските можности во Македонија. Истакна благодарност до Мизо како и до целата Влада што му е овозможено да инвестира во Македонија.
„Започнуваме со 25 вработувања, планот е наскоро бројката да се зголеми на 50, а конечната бројка кон која целиме е околу вкупно 200 вработувања. Огласот за вработување е се уште активен и нудиме работа за млади луѓе кои говорат Англиски и Француски. Информации можат за аплицирање можат да добијат на нашата веб страна“, информира Чаудари.
Македонија води отворена политика за привлекување на странски инвестиции, а напорите на Владата даваат резултати, вели Мизо.
Започнувањето со работа на новата канадска инвестиција е уште еден доказ дека во Македонија доаѓаат компании од различни земји и различни сектори. Ова е показател за одличната бизнис клима во земјава која е веќе позната и призната на глобалниот пазар.
До сега оваа стратегија даде повеќекратни резултати. Странските инвестиции во земјава отворија повеќе од 17.000 нови работни места. Структурата на она што го нуди земјава на меѓународниот пазар е сосема променета. Се извезува доста поширока палета на производи и услуги, со поголема додадена вредност. Исто така, се поттикнува претприемништвото кај домашните компании со што се зајакнува приватниот сектор во земјава.