Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, се обрати на меѓународна научна конференција насловена „Педагогијата во современото глобално општество“, организирана од Институтот за педагогија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, по повод одбележувањето на 70 годишнината од неговото основање. Честитајќи го јубилејот, Ристовски нагласи дека кадарот кој излегува од Институтот за педагогија има големо влијание врв едукацијата на децата уште од најраната возраст.
„Кадарот што вие го создавате е дел од секоја воспитно-образовна установа и претставува клучна алка во процесот на едукација и правилно насочување на генерациите уште од најрана возраст. Таквите активности ве позиционираат меѓу највиталните институции во рамки на образовниот систем и воопшто во општеството“, рече Ристовски .
Ристовски потенцираше дека Министерство за образование и наука и натаму останува најголем поддржувач на педагошките кадри и дејноста генерално, при што информираше за активностите што се преземаат во насока на зајакнување и доекипирање на стручните служби во училиштата.
„Образованието е сфера која има значајно место и висока приоритетност во генералните политики што ги спроведува Владата, оттаму што претставува основа на севкупен развој и просперитет на земјата, основа за социјална трансформација и своевиден двигател на демократизацијата и развојот на граѓанското општество, а воедно и основа за интеграција во европскиот општествено економски и образовен простор“, рече Ристовски.
На меѓународната конференција во организација на Институтот за педагогија која се одржува во Охрид, покрај истакнати универзитетски професори и стручњаци од Република Македонија, учествуваат и нивни колеги од Италија, Финска, Германија, Русија, Турција Словенија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Романија, Албанија.