Иванов се обрати на состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации за големи движења на бегалци и мигранти

Обраќање на состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации за големи движења на бегалци и мигранти

„Почитуван господине претседавач,

Екселенции, Дами и господа,

Живееме во вистински 21 век, во време на надеж и страв.
Надеж за подобар живот, образование, економски развој, заштита на животот на граѓаните и нивниот имот.
Страв од последиците од регионалните конфликти и кризните региони.

Движењата на бегалците и мигрантите се предизвикани од потрага по надеж и бегство од стравот. 20 милиони илегални мигранти и бегалци се лоцирани близу до надворешната граница на Европа и се мотивирани да ги користат коридорите до Европа.

Потребен ни е заеднички пристап за справување со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици преку јасно разграничување помеѓу правниот и хуманитарниот, политичкиот, економскиот, социјалниот и безбедносниот аспект на кризата.

Новата ера на суровиот 21 век има потреба од ново лидерство и обнова на институциите кои ќе можат да ги менаџираат кризите и предизвици.

Заканата од илегална миграција е совршена алатка за не-воен притисок во менаџирањето со конфликти и кризи. Тоа се прави преку „извезување” и насочување намигрантите по патот до крајната дестинација. Тоа доведе до сериозни тензии меѓу Европските држави.

Предивиците на безбедноста на Европската Унија се повеќе зависат од лидерството, политичката стабилност и кризниот менаџмент на владите на трети земји кои се главните точки за влез и излез на коридорите. „Третите” земји се на географска позиција која ги контролира портите на коридорите.
На Европската Унија и се потребни стабилни и безбедни трети земји кои се способни да ги заштитат коридорите.

Република Македонија има проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза.

Ние бевме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја испрати армијата на границата, формирајќи и заеднички воено-цивилен главен штаб за да се зголеми заштитата на границата и да се канализира движењето на мигрантите, без нивно навлегување во градовите каде би можеле да имаат контакт со радикализирани лица или повратници од конфликтните подрачја.

Протокот на илегални мигранти може да се спореди со поплава. Оттука, потребно е да се активира системот за управување со кризи и да се распореди армијата во поддршка на цивилните служби.

Системот на управување со кризи мора да развие план за вонредни состојби и таканаречена стратегија на елиминирање на последиците од таа фигуративна поплава, кој вклучува и таканаречени “брани” на надворешните граници, процес на прочистување со помош на хотспотови, обезбедување на каналите и контролирање на тековите на самиот влез и излез на коридорите и рутите кои ги користат бегалците, мигрантите и странските терористички борци.

Ја презедовме одговорноста да бидеме чувар на портите на Европа. Распоредувањето на Армијата за поддршка на полицијата во заштита на границата резултира со затнување на движењето на илегалната миграција низ Балканскиот коридор. Ние треба да поддржиме ревизија на законите за учеството на Армијата во заштита на границите, домашната безбедност и контратероризмот.

Што се однесува до побараната помош во врска со безбедносниот аспект на кризата, неколку партнерски земји одговорија со испраќање на полициски службеници, опрема за заштита на границата и финансиска помош, имено: Унгарија, Хрватска, Србија, Словенија, Чешка, Словачка, Австрија и Полска. Во моментов, во Македонија има 110 странски полициски службеници кои учествуваат во заштитата на нашата граница.

Република Македонија е без пристап до базите на податоци на ЕУ за внес и споредба на податоци на мигранти и странски терористички борци, со недостиг на разузнавачка соработка за размена на податоци и
под негативна медиумска перцепција за спроведување на одлуките на Унијата.

И покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, што се виде во управувањето со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици.

Сакам да упатам порака до Европската Унија: На Македонија и е потребна помош за да ви помогне вам.

Вие не можете да ги заштитите вашите надворешни граници ако прво не ги обезбедите коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ.

Македонија ќе делува во насока на заштита на националната безбедност. Какво било решение кое вклучува прием и сместување на мигранти и отворање на бегалски кампови во земји долж коридорот кои не се членки на ЕУ нема да биде одржливо и не смее да биде дозволено. Ние немаме ниту капацитет, ниту ресурси за да се справиме со очекуваниот обем на мигранти.
Во таков случај, сосема е веројатно дестабилизирање на државата.

Дами и господа,

Денес, во Европа, храброста е скапа и ретка. Македонија покажа дека има храброст да се соочи со заканите во услови на политичка криза.

Следниот предизвик со кој ќе се соочиме се во МЕГАПОЛИСИТЕ и нивната различност.

Толеранцијата на различноста мора да се замени со почит на различноста.“– истакна Иванов.