ВМРО-ДПМНЕ планира обезбедување на субвенции за вградување на плински систем во автомобилите.
Ова е втората мерка која лидерот на владејачката партија Никола Груевски ја промовираше денес и истата ќе значи поддршка на граѓаните кои поради цената или други причини нема да се одлучат за електричен автомобил.
„За таа цел секоја година, почнувајќи од наредната 2017-та година ќе се овозможат ваучери од 300 евра за набавка на плински уред кои ќе се распределат на јавен повик секоја година. Со оглед на тоа дека бројните научни анализи покажуваат дека најголеми загадувачи на воздухот во категоријата автомобили се возилата со ЕУРО 0, ЕУРО 1, 2 и 3 стандард односно оние кои се произведени до почетокот на 2006-та година, оваа мерка ќе се однесува само на автомобилите кои спаѓаат во групата на овие еколошки стандарди, останатите ЕУРО 4 и 5 ги запазуваат највисоките еколошки стандарди и се со ниво на загадување колку што се и автомобилите со вграден плински уред. Автогасен уред е можно да се вгради во речиси сите возила на бензински погон. Постојат многу мал број на возила кај кои не е можно преорентирање од бензин на гас што значи дека потенцијални апликанти ќе бидат сите оние кои имаат автомобил на бензин“, рече Груевски.
Тој потенцира дека разликата во однос на моќноста на автомобилот на бензински и плински уред е многу мала од 5 до 10%, а со новите системи за брзо вбризгување таа е незабележителна.
„Потрошувачката на автогас е нешто повисока од онаа на бензин, во просек до 10%, но затоа пак и цената на гасот е значително помала. Автомобилите кои вградиле плински уред може да се движат и да користат бензин. Доколку е вграден плински систем, возилото и понатаму ќе може да се вози и на бензин, доколку сопственикот посака така. Цената на плинот не е регулирана на државно ниво, па дистрибутерите сами одлучуваат за цената. Сепак, многу веројатно е дека таа ќе биде околу 50% пониска од таа на бензинот, затоа плинската инсталација е исплатлива инвестиција. Просечната цена на чинење на автогасот е во просек 27 денари за едно литро, што е за повеќе од половина поевтино од бензините Еуросупер 95 и Еуросупер 98 кој изнесува 62 односно 63.5 денари. Значи 1 литро гас е во просек околу 57% поевтин од бензинот. Земајќи го фактот дека автомобилот во просек троши повеќе гас, одошто бензин, вредностите кажуваат дека трошоците за возење на плин ќе се 50% поевтини од трошоците за управување на автомобил на бензин. Оние кои имаат возило произведено до 2006-та и ќе го трансформираат од бензин на гас/плин, ќе имаат дупло помали трошоци за гориво“, истакна Груевски.
За оваа цел државата ќе дава субвенција од 300 евра во услови кога просечната цена на овој дел кој треба да се вгради е околу 500 евра. Државата ќе плаќа 300, а сопственикот на автомобилот 200 евра за овој дел кој ќе овозможи трансформација од бензин на плин.
Во просек, еден автомобил чија стандардна потрошувачка на бензин изнесува 8 литри на 100 километри, годишно поминува околу 8 илјади километри, инвестицијата ќе си ја поврати за 7 месеци. Се потоа ќе биде заштеда плус за секој корисник, односно дупло помали трошоци за гориво.
Груевски објасни кои се придобивките од употребата.
„Помалку трошоци за гориво, околу половина од цената за бензин. Помазно, потивко, почисто користење на автомобилот. Продолжен век на моторот. Многу поеколошки прифатлив за разлика од бензинот. Пониски трошоци за сервисирање. Можност да се вози на бензин и на гас, наголемување на изминатиот пат со едно полнење на резервоарот. Зголемена заштита со употреба на oдобрени гас системи, нуди подобра заштита од оган при судар. Дополнителна издржливост – многу дефекти кај возилата на бензин се поврзани со нивниот систем за гориво. Зголемена вредност на возилото. Поради своите карактеристики автомобилскиот плин позитивно влијае и на моторот на автомобилот. Се обезбедува подобра работа на моторот, векот на траење на моторот се зголемува за околу 35%, потполно согорување на смесата плин-воздух во цилиндрите со што не доаѓа до губиток на горивото преку издувните гасови. Поголема трајност на маслото во моторот, не се создава корозија која инаку настанува заради адитивите кои се додаваат во бензинот за подобрување на неговите својства, два пати подолг век на катализаторот. И што е најважно- се заштитува и животната средина, односно се намалува загадувањето на воздухот“, рече тој.
Статистиката покажува дека најголеми загадувачи се возилата ЕУРО 0, ЕУРО 1, 2 и 3 стандард.
„Jаглерод моноксидот заедно со азотните оксиди се едни од загадувачките супстанци во воздухот кои учествуваат во формирањето на ПМ10 честиците со кои се загадува воздухот. Анализите покажуваат дека во создавањето на овие честици, покрај емисиите од согорувањето на дрва за затоплувањето на домовите, втор најголем извор се токму автомобилите. Според анализите, возило на бензин од ЕУРО 0 стандард, на годишно ниво испушта 172.200 кг јаглерод моноксид. Возило на плин за истиот период испушта 47.824 кг јаглерод моноксид, што е за повеќе од 3 ипол пати помалку споредено со јаглерод моноксид што го испуштаат возилата на бензински погон. Истото возило со еколошки стандард ЕУРО 0, испушта за една година 18.601 кг на азотни оксиди, за разлика од возило на плински уред кој што испушта 16.520 кг азотни оксиди. Разликата е во 2,081 кг азотни оксиди помалку. Според анализите возило на бензин од ЕУРО 1 стандард, тоа се возила со датум на производство од 1993-та до 1996-та година, на годишно ниво испушта 28.490 кг јаглероден моноксид. Возило на плин за истиот период испушта 24. 990 кг на јаглерод моноксид, што е за 3500 кг на јаглероден моноксид помалку споредено со јаглеродниот моноксид што го испуштаат возилата на бензински погон. Истото возило со еколошки стандард ЕУРО 1, испушта за една година 3.215 кг азотни оксиди, за разлика од возило на плински уред кој што испушта 2.898 кг честици на азотни оксиди, разликата е во 317 кг честици на азотни оксиди помалку“, потенцира Груевски.
Според анализите возило на бензин од ЕУРО 2 стандард, тоа се возила со датум на производство од 1997-та до 2000-та година, на годишно ниво испушта 1.694 кг азотни оксиди, за разлика од возило на плински уред кој што испушта 1.260 кг азотни оксиди, разликата е во 434 кг азотни оксиди помалку.
Според анализите возило на бензин од ЕУРО 3 стандард, возила со датум на производство од 2001 до 2005та година, на годишно ниво испуштаат 12.577 кг јаглерод моноксид. Возило на плин за истиот период испушта 12.530 кг јаглерод моноксид, што е за 47 кг јаглероден моноксид помалку споредено со јаглерод моноксид што го испуштаат возилата на бензински погон. Истото возило со еколошки стандард ЕУРО 3, испушта за една година 0,649 кг азотни оксиди, за разлика од возило на плински уред кој што испушта 0,630 кг азотни оксиди, разликата е во 0,19 кг азотни оксиди помалку.
„Во однос на употребата на плински уреди во Македонија статистиката покажува дека веќе околу 12.000 патнички автомобили возат низ Македонија согорувајќи во моторот течен гас. Станува збор за алтернативно гориво на бензинот, поеколошко и се разбира дупло поевтино. Интересот за користење возила со ваков вид гориво се зголемува од година во година, но бројките од Државниот завод за статистика покажуваат дека нагорниот тренд е бавен. Последните годишни податоци се за 2014 година, кога во земјава се возеле за 700 возила со автогасен систем повеќе од претходната 2013 година. Така, во 2014 година низ Македонија 10.976 патнички автомобили возеле на течен гас, додека во 2013 година бројката била 10.241 возило. Но во 2010 година, на пример, бројот бил и поголем. Ако се калкулираат и другите типови возила, меѓу кои и моторциклите, товарните возила и тракторите што користат плин, вкупната бројка во 2014 година надминува 11.800. Во ситуации кога нема официјална бројка за сите возила, претпоставките се дека во земјава, доколку се следи тенденцијата од минатите години, во 2016 година има околу 12.000 автомобили во кои како погонско гориво се користи течниот гас. Тенденцијата е таа бројка да биде поголема“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Издувните гасови од бензинските мотори кај луѓето предизвикуваат карцином и спаѓаат во истата потенцијално смртоносна категорија како азбестот, арсенот и иперитот, објави Светската здравствена организација (СЗО).
„Експертите кои тврдат дека резултатите од нивните истражувања втемелени на силни научни докази, апелираат до луѓето да ја намалат изложеноста на издувни гасови секогаш кога тоа е возможно. Меѓународната организација за истражување на карциномот, оддел на СЗО за проучување и следење на ракот, издувните гасови од автомобил ги премести од листата 2А, можни канцерогени, во групата 1, материи што дефинитивно имаат поврзаност со појавата на канцер. Токму затоа денес излегуваме со два важни и сеопфатни проекти кои во голема мера ќе придонесат кон заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, но и ќе им овозможат бројни поволности и заштеда на нивниот семеен буџет“, рече Груевски.
Лидерот на владејачката партија, вели дека ВМРО-ДПМНЕ за разлика од конкурентите дава приоритет на работата.
„Ова е само мал дел од мерките и проектите кои ќе бидат промовирани во периодот што следи. Главниот фокус за ВМРО-ДПМНЕ се граѓаните, нивните потреби и барања. И ние ќе понудиме проекти од сите сфери и области кои што се предмет на нивниот интерес. Се работи за прецизни проекти со прецизни рокови на исполнување. Граѓаните знаат дека тоа што ќе го ветиме и ќе го исполниме. Нам ни треба силна Македонија, нам ни е потребен напредокот. Затоа работиме и заеднички создаваме,“ заклучи Груевски.