Пет дена до стартот на овогодинешната, традиционална хуманитарна и спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ која во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 1ви октомври. Овој настан кој е со широко општествено значење, ќе започне во 11 ч. со „главна трка“ на младите чиј старт ќе биде од плоштадот „Крушевска република-Чинар“, а цел на градскиот плоштад „Климент Охридски“, каде продолжуваат спортски, културно забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди.
Учество на овој настан се обезбедува со купување на учеснички број кој чини 30 денари. Средствата собрани од продажбата на учеснички броеви за акцијата ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца. Секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да се натпреварува во бројни спортски дисциплини: фудбал, баскет, одбојка, ракомет, тенис, бадминтон, шах, пикадо, возење велосипед, аеробик и друго, со што станува потенцијален добитник на награда во големата наградна игра со преку 50 вредни награди (седумдневно зимување на Златибор, петдневен престој во Крагујевац, викенд во Крушево, курсеви за странски јазици, компјутерска галантерија и др.) кои ќе бидат извлекувани во живо на една од локалните телевизии.
Настанот ќе се реализира во соработка со Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и Сојузот на училишен спорт, а традиционален партнер на акцијата „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ Стоматолошки Центар Д-р Баткоски и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за правилна грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.
Почнувајќи од денес, 26.09.2016 г., мобилните тимови на волонтери на Црвен крст Охрид ќе бидат достапни со учесничките броеви на повеќе пунктови во градот, а учесничките броеви ќе можат да се набават и во просториите на Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52.