Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одржа работна средба со амбасадорот на Израел Н.Е. Дан Орјан.
На почетокот од средбата, во свое име и во име на Министерството, министерот Спасовски изрази сочувство и длабоко жалење за смртта на поранешниот претседател Шимон Перес. Министерот Спасовски ја истакна улогата на поранешниот претседател како миротворец и голем заложник за мирот и стабилноста во светот.
Министерот Спасовски и амбасадорот Орјан на средбата ја потенцираа досегашната одлична соработка помеѓу двете земји и изразија уверување за нејзино продолжување и продлабочување.
Соговорниците разменија мислења за предизвиците со кои се соочуваат двете земји, при што особено беа потенцирани можните закани и опасности од тероризмот и мигрантската криза. Амбасадорот Орјан повтори дека Државата Израел ја изразува својата подготвеност да и помогне на Република Македонија при соочувањето со сите предизвици.
Министерот Спасовски и амбасадорот Орјан разговараа и за претстојните парламентарни избори и улогата на МВР во нивната подготовка и спроведување. Министерот Спасовски потенцираше дека е неопходно изборите да бидат фер и демократски, а идната Влада да биде составена од чесни и некорумпирани политичари. Амбасадорот Орјан истакна дека Државата Израел ќе соработува со владата која ќе биде избрана на демократски и чесни избори.