Во Македонија повеќе од половина катастарски општини се веќе дигитализирани

Претставници од подрачните одделенија на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија и раководството на Агенцијата во Скопје, денеска во Охрид одржаа состанок на кој се дисутираше за проектот за дигитализација.

На овој процес, како што истакна директорот на Агенцијата Славче Трпески, се работи сериозно и посветено, и според него, ќе се исчистат многу проблеми кои се наталожувале во текот на последните 80-тина години.

„За целата работа се направија и доста напредни инвестиции во делот на технологијата и софтверот, така што Агенцијата за катастар на недвижности направи мак-едит софтвер со кој се помага целиот процес на дигитализација а се користи и од страна на приватните геодетски фирми. Во текот на летниот период имавме сериозна надградба на електронскиот катастар. Ја вклучивме и графиката каде податоците што се во имотните листови треба да одговараат на овие податоци што сега ги дигитализираме“, појаснува Трпески.

Бенефитите од спроведувањето на овој проект за Катастарот, според него, ќе бидат огромни.

„ Бидејќи веќе имаме дигитализирани општини коишто ги поминаа сите тополошки и други контроли, влезени се во графичката база на податоци, копиите од катастарските планови веќе се издаваат на самите шалтери или директно ги подигаат приватните геодетски фирми преку електронскиот шалтер. Забрзано се решаваат овој тип на предмети, елаборатот кој е подготвен веднаш се вчитува во системот и истиот се одразува како на делот на имотниот лист така и во делот на графиката, така што можноста од грешки нешто да биде напишано во имитниот лист а да не биде на катастарскиот план, со овој систем е сведен на нула“, вели Трпески.

Општините, како што беше речено на денешната средба во Охрид, со катастарските планови ќе добијат сигурна и стабилна основа за да можат да ги планираат своите урбанистички планови со цел тие понатаму да бидат извршливи и спроведени во катастарот. Исто така, дигиталните катастарски парцели ќе послужат и во делот на земјоделието, во делот на заштитата на животната средина и слично.

„Најтешкиот дел во спроведувањето на проектот за дигитализација на катастарските општини е отсуството на доволен број геодети во државата. Најтежок проблем досега ни е да обезбедиме стручен кадар. Мал е бројот на геодети во Република Македонија. до пред 5-6 години немаше факултет за геодети, туку само виша школа и сериозниот недостаток на геодетски кадар не’ забавува во работењето на дигитализацијата, но сепак успеваме да го спроведуваме овој процес и натаму“, додава директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Трпески.

Од вкупно 1.491 катастарска општина којашто треба да се дигитализира, минатата година беа дигитализирани 760, а до крајот на годинава треба да се опфатат и останатите катастарски општини.

Извор: Супер радио