Од 5 октомври ќе се скрати постапката за преглед кај уролог. По посетата на матичен лекар пациентите најпрвин ќе треба да направат простата специфичен антиген тест (ПСА) и ултразвук, а потоа со резултатите од направените анализи матичниот лекар ќе ги упати кај уролог. Наместо двапати како што беше досега, пациентот кај урологот ќе доаѓаат еднаш.
Од Министерството за здравство велат дека со воведувањето на системот „Мој термин“ лесно можат да се воочат недостатоците во здравствениот систем и да се интервенира со сет на нови мерки. Од таму е препознаен и овој недостаток со што одлучиле да воведат мерка која ќе го скрати времето на чекање за преглед кај уролог и пациентите нема да бидат препраќани од едно место на друго.
Министерот за здравство Никола Тодоров истакна дека откако се направени анализите констатирано е дека 65.715 прегледи се реализирани за оваа дијагноза кај специјалисти уролози, а 62 % од овие упати се издадени од матични лекари.
„Ова што е клучно во оваа анализа пациентите за оваа дијагноза се упатуваат двапати на уролог. Првиот пат кога се упатуваат урологот ги препраќа назад со цел да направат две испитувања. Едното е ПСА, а второто е ултра звук и потоа од кога ќе ги направат тие испитувања повторно се враќаат кај уролог. По сугестија на експертите ние воведовме мерки со кои пациентите наместо двапати ќе одат еднаш кај уролог“, рече Тодоров.
Тој посочи дека со оваа мерка ќе се преполови бројот на посети кај уролог, а по направените анализи можеби некои пациенти и ќе немаат потреба да постат уролог.
„Ова значи дека ќе се ослободат 30 термини и сериозно ќе се намали времето за чекање. Со оваа мерка времето за чекање за преглед кај уролог ќе биде околу 7 дена или помалку“, рече Тодоров.
До 5 октомври јавните здравствени установи треба да ги направат сите подготовки за отворање термини за ехо и ПСА, а матичните лекари да го вградат ова во нивното работење.
„Сите матични лекари да ја почитуваат оваа препорака и со тоа да помогнат на целиот здравствен систем, но најмногу на пациентите. Мерката ќе овозможи ослободување на поголем број термини и кај специјалистите, во секундарното здравство“, потенцира Тодоров.
ПСА анализа прават вкупно 41 здравствена установа во земјата, додека ехо дијагностика 32 и сите се информирани за најновата мерка. До 5 октомври ќе треба да го зголемат бројот на термини за да нема застој.