По повод 1 октомври-Меѓународниот ден на стари лица, министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски го посети одделот „Мајка Тереза” при ЈЗУ Геронтолошки завод ,,13 Ноември”, Скопје притоа упатувајќи повик до сите.
„По повод Меѓународниот ден на стари лица 1 Октомври, кој оваа година се одбележува во целиот свет под мотот на ОН „Заземи став спрема предрасудите поврзани со стареењето и старите лица“, денеска сме во посета на нашите сограѓани, комшии, баби и дедовци во Домот за стари лица Мајка Тереза. Оттука сакаме да ја испратиме пораката кон сите граѓани и општествени чинители дека, процесот на стареење е патот кон кој се движиме сите ние. Тој пат мора да биде нашата заедничка грижа без предрасудите кои најчесто се негативни епитети од типот, “старите лица се лица на кои им поминало времето“, “сенилни и беспомошни“, “помалку вредни“.
Ајде сите да се запрашаме дали, овие предрасуди се и наши предрасуди.
Ајде тоа да го промениме.
Ајде да ги поттикнеме нашите деца, нашите блиски, општествено одговорните приватни компании, образовните институции и сите други да почнеме да се грижиме за старите лица, и тоа како што би сакале да се грижат за нас кога ќе ги нараснеме нивните години. Јас знам дека сите заедно можеме повеќе, и како граѓани и како институции!”порача министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски.
Достоинстветната старост не значи само достојна пензија.
„Достоинствената старост и достоинственото стареење бара многу повеќе од пензија! Потребна е достојна пензија за достоинствен живот дома и во старски дом. Потребен е повисок животен стандард! Потребна е подобра и достапна здравствена заштита и услуги кои може да си ги дозволи секој возрасен човек. Потребни се достоинстени услови за живот во домовите и човечност пред се, во грижата за нашите стари. На нашите стари лица им е потребна подадената рака на секое дете кое во очите на овие луѓе ќе го види својот дедо, својата баба. Потребна е помошта на здруженијата и одганизациите кои ќе се наметнат како фактори во давањето на социјални услуги за старите лица во периодот што доаѓа. Затоа, на инвестирањето во услугите и просторот за сместување на стари лица треба да се гледа како на инвестирање во достоинствена старост и општествена одговорност за грижа кон граѓаните. Ќе ги направиме достапни домовите за стари лица и за оние кои имаат средства да го покријат трошокот за сместување во установи за стари лица, но и за оние кои немаат финансиска можноста за тоа. Ќе воведеме државна субвенција за старите лица со ниски примања за сместување”, рече министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски при денешната посета на одделот „Мајка Тереза” при ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември”, Скопје.
Таа информираше дека Министерството вложува напор да ги процесуира сите понуди кои доаѓаат од одговорни фирми коишто сакаат да вложат во инфраструктурата во старските домови, во обнова на најпотребните ресурси кои во моментот се неопходни за Домот за стари лица.
„Станува збор за тоалетите за кои веќе има пројавено интерес од инвеститор кој доброволно ќе вложи во нивно реновирање, но исто така, и МТСП по примерот на инвестицијата што ја направивме во старскиот дом во Прилеп кога реновиравме цел приземен дел кој беше несоодветен за престој на старите лица, да направиме и тука неопходна реконструкција највеќе во делот на кровната конструкција и тоалетите”, подвлече Ташевска-Ременски.
Инаку, одделот ,,Мајка Тереза” при ЈЗУ Геронтолошки завод ,,13 Ноември” има капацитетот за згрижување за 110 лица, а во моментот во Домот се сместени 68 лица. За да се исполни целиот капацитет потребно е треба да се изврши доопремување за да може да се обезбеди прием на нови баратели.