Бирото за јавна безбедност изминатиот месец по преземени мерки и активности реализираше голем број на случаи од различни области при што кривично се пријавени 28 лица поради постоење основи на сомнение дека сториле повеќе кривични дела. \
1. НТ СО ДРОГА
Најголем број од реализациите се од областа на недозволената трговија со дрога при што од страна на полициски службеници запленети се околу 106 килограми на наркотична дрога, од кои најголемиот дел е марихуана и во помали количества кокаин и хероин. При реализацијата на овие 9 случаи на недозволена трговија кривично пријавени се 11 лица од кои 10 се македонски државјани од Гостивар, Скопје, Струга, Прилеп и Тетово, а едно лице е државјанин на Република Албанија.
Освен случаите за кои веќе ја информиравме јавноста како 88-те килограми марихуана во Велес и другите заплени на наркотична дрога во Гостивар, Тетово, Скопје, Прилеп, Струга и Охрид, Бирото за јавна безбедност пресече и меѓународен канал на недозволена трговија со марихуана на релација Косово- Македонија – Грција со крајна дестинација Турција. Имено на 28-ми септември на Граничниот премин Богородица, на излез од Р.Македонија при извршен преглед во возило, сопственост и управувано на 38 годишно лице од Скопје, пронајдени биле две торби, во кои имало 10 полиетенски пакувања, со околу пет килограми марихуана. По преземените мерки за расчистување на случајот за осомничениот постојат основани сомненија дека е поврзан и со случај кога полициски службеници пронајдоа 4 патни торби во меѓупросторот помеѓу Р.Македонија и Р.Грција, од кои во едната имало автоматска пушка и муниција, а во другите три торби имало околу 9 кг марихуана и истиот требало да го изврши транспортот до Р.Турција.
Друг покарактеристичен случај е кога од страна на полициски службеници при извршен претрес во возило била пронајдена една рачна граната со осигурувач и една најлонска кеса во која имало поголемо пакување со наркотична дрога марихуана која по извршеното вештачење утврдено е дека се работи за количина од 805 грама, а при претрес во домот на осомничениот биле пронајдени и 174 банкноти во апоени од 1000 денари.
2. КРИУМЧАРЕЊЕ НА МИГРАНТИ
Исто така во текот на месец септември беа реализирани и три случаи на криумчарење на мигранти при што беа поднесени кривични пријави против 9 лица од кои тројца македонски државјани од с.Лојане и двајца од Скопје додека останатите лица се странски државјани од Пакистан и Авганистан.
1.Во првиот случај Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал по преземени координирани мерки и активности при извршен претрес во куќа сопственост на 46 годишен жител на с. Лојане биле пронајдени 35 мигранти, како и шестмина странски државјани кои сега веќе се и кривично пријавени. Меѓу откриените мигранти 17 биле малолетни лица. Во непосредна близина на објектот, дополнително биле пронајдени уште 15 мигранти од Иран. Од извршени разговори со мигрантите било утврдено дека пријавените лица со употреба на физичка сила, закани, уцени и ограничување на слободата на движење, им биле изнудувани дополнителни парични средства, за да го продолжат своето патување во земјите од ЕУ.
2.Во вториот случај кривично пријавен е 47 годишен жител на Скопје во близина на с.Милeтково со ПМВ „голф“ презел група од 10 мигранти, упатувајќи се кон автопатот во правец од Гевгелија кон Демир Капија, а крајна дестинација на криумчарот бил Липковскиот регион. Од страна на полициските службеници во близина на Велес истиот бил пронајден и приведен. По обавениот разговор со мигрантите било утврдено дека за нивното криумчарење од Р.Грција во Р.Македонија требало да платат 1.000 евра по лице.
3. И во последниот случај бил спречен обид на криумчарење на 10 мигранти при што пријавен е 34 годишно лице од Арачиново. Истиот во близина на с. Марвинци, валандовско, ги прифатил мигрантите со своето возило и се упатил кон Скопје, но бил спречен во намерата од страна на полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ.
3. КЛАСИЧЕН КРИМИНАЛ
Од областа на класичниот криминал во текот на месец септември по преземени мерки и активности реализирани и документирани се 4 покарактеристични случаи од кои два случаи за сторени кривични дела „разбојништва“ во с.Градец-гостиварско и едно во Битола и уште две кривични дела од областа нa имотните деликти во Скопје и Прилеп при што кривично пријавени се 8 лица.