Проект „Градиме мостови“

Годинава, трета година по ред се одржа настанот „Градиме мостови“ (Building bridges). Настанот кој беше организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во соработка со Министерството за образование и наука, Амбасадата на Холандија во Скопје и други амбасади, ги поддржува заедничките активности во училиштата кои вклучуваат ученици од различни заедници и различни наставни јазици со цел да се зголеми интеракцијата, разбирањето и интеграцијата во училишната средина.

Министерот за образование и наука, г-дин Pishtar Lutfiu, учествуваше на настанот „Градиме мостови“ заедно со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г-ѓа Нина Соумалаинен, aмбасадорот на Холандија во Република Македонија, г-дин Волтер Пломп, и заменик – шеф на амбасадата на Швајцарија во Република Македонија г-дин Стефан Томагиан.

Во своето обраќање министерот за образование и наука, г-дин Pishtar Lutfiu истакна:
„Богати се оние луѓе кои имаат многу пријатели, кои се разбираат иако имаат различен мајчин јазик и иако припаѓаат на различни етнички заедници. Благодарение на мултиетничкиот карактер на Република Македонија, Вие драги деца, имате можност да стекнете пријатели кои се од други заедници и тоа пријателство да го зацврстувате се повеќе и повеќе“.

Со овој проект предвидено е да се опфатат околу 700 ученици од 30 училишта кои се добитници на грантовите на фондот „Градиме мостови“. Ова се ученици кои што директно се вклучени во проектот. Проектот „Градиме мостови“ докажува дека во животот е потребна интеракција меѓу заедниците, без разлика на националност, јазик и религија.

Бројните мостови помеѓу различни јазици и заедници кои биле изградени во текот на проектот формираат богатство врз кое планираме да изградиме посветла иднина.

„Уверен сум дека тука меѓу вас, има многу пријатели од различна националност, а кои воопшто и не обрнуваат внимание на тоа, затоа што играта и другарувањето ви се пред се“, истакна Лутфиу.