Лице од Дебреше извршило над 100 кражби во Охрид, Струга и Кичево

Поради постоење основи на сомнение за сторени четири казнени дела „тешка кражба“, канцеларијата за криминалистички работи од Струга, поднесе кривична пријава против Џ.И. (22) од гостиварското село Дебреше. Пријавениот, тешките кражби ги сторил на втори минатиот месец, најнапред од канцеларија на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство-подрачна единица Струга а потоа и во неколку продавници на улицата „Маршал Тито“ како и во канцеларијата на една автошкола на улицата „Ристо Крле“ во Струга.

Кривичните дела, Џ.И. ги вршел со употреба на подесен предмет со кој насилно ги отворал влезните врати од објектите по што, вршел пребарување и одзел мобилни телефони, пари како и резервни клучеви од возило марка „Даеву Матиз“ кое го користел за свои потреби.

На 17-ти минатиот месец, пријавениот, една тешка кражба сторил заедно со А.М. (20) од истото село. Со употреба на подесен алат, двајцата ја оштетиле бравата од влезна врата на маркет лоциран на улицата „Јна“ во Струга, од каде противправно одзеле метална каса со пари.

Во периодот од 2009 до 2016 година, пријавениот Џ.И. на подрачјето на СВР Охрид кривично е пријавен за сторени вкупно 104 кривични дела и тоа 38 дела на подрачјето на полициската станица Охрид, 30 на подрачјето на Струга и 36 на подрачјето на Кичево. Само во текот на 2016 година, против него поднесени се 4 кривични пријави за сторени 8 кривични дела од кои 6 „тешка кражба“ и 2 дела „одземање на моторно возило“.

Во истиот период, пријавениот Џ.И. кривичните дела ги вршел со употреба на подесен алат и насилно провалување во продавници, куќи, месари, туристички агенции, аптеки, бутици, патнички автомобили, од каде противправно одзема пари и други предмети. На тој начин, тој се стекнал со противправна имотна корист од околу 600.000,оо денари. Најголем број од делата ги вршал сам, неколку со неговиот брат близнак но и со други лица. Во Охрид, извршил повеќе кражби, откако на први јули оваа година излегол од затвор.