Во скопската касарна „Илинден“ денеска свечено беше отворено постојаното седиште на Балканските медицински наменски сили, составени од припадници на армиите на шест земји и тоа Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Словенија, со поддршка на Норвешка и САД.
Овој круцијален регионален проект, нагласи министерот за одбрана Зоран Јолевски, пред неговите колеги-министри за одбрана на Босна и Херцеговина, Марина Пендеш, на Словенија, Андреја Катиќ и на Србија, Зоран Џорџевиќ, кои присуствуваа на отворањето, има за цел да изгради регионални медицински капацитети кои ќе бидат способни да дадат брз одговор на широк спектар на кризни ситуации, како што се природните непогоди.
„Проектот е во духот на концептот „паметна одбрана“ на НАТО, а ќе ги подобри националните медицински капацитети за работа во регионална мултинационална средина“, изјави Јолевски, додавајќи оти ќе се создаде мала, мобилна, брза организација која секаде и секогаш ќе биде таму, каде што им е потребна на граѓаните.
Министерот за одбрана на Србија, Зоран Џорџевиќ, како земја која прва ја превзеде командата вкупно 86 припадници на Балканските медицински наменски сили, која ќе ротира секои две години, нагласи дека сите држави во регионот се соочуваат со исти или слични предизвици кои повикуваат на заеднички одговор за нивно решавање и ја нагласуваат потребата за заеднички настап со цел одржување на меѓународната безбедност.
„Единицата ќе биде способна да обезбеди медицинска поддршка во кризни ситуации и брзо да ртегира со цел да се отстранат последиците од катастрофи во регионот“, рече меѓу другото Џорџевиќ.
За министерката Марина Пендеш организацијата на Балканските наменски медицински сили на шест министерства за одбрана е на некој начин основа за тоа како треба да се работи во иднина.
„Сметам дека со овие медицински сили ќе покажеме како без оглед на одредени разлики во нашите концепти, можеме заеднички да делуваме“, истакна Пендеш. Таа додаде дека природните катастрофи кои се случија покажаа дека постојат одредени проблеми во комуникацијата поради не постоењето одредени спогодви и тешко е, подвлече, адекватно и на време да се одговори, а во случај на природни катастрофи и несреќи времето е многу важен фактор.
Овој проект е воен, истакна министерката за одбрана на Словенија, Катиќ, но добро е што е наменет за цивилите и за сите оние кои им е потребна помош при евентуални природни катастрофи и несреќи.
Според амбасадорот на Норвешка Арне Санес Бјорнстад, формирањето на Балканските медицински наменски сили е пресвртница и битен настан за иднината. Овие сили, оцени, ќе ги зголемат капацитетите во регионот, но и националните капацитети за заеднички операции во рамки на ЕУ и на ОН и надвор од регионот.
Полковник Кевин Хил, претставник од Пентагон, САД упатувајќи честитки до 6-те земји членки на Балканските медицински наменски сили, истакна дека оваа единица не е обична воена единица, туку е уникатна мултинационална единица според НАТО стандардите и е конкретен пример за регионална соработка.