Американски грант за конзервација на мозаикот на крстилницата во Епископската базилика во Стоби

Со грант од Американската амбасада во Македонија ќе се изврши конзервација на мозаикот и мермерните декоративни елементи на крстилницата на Епископската базилика на локалитетот Стоби.

Договорот за грантот, кој е во износ од 89.000 долари попладнево на археолошкиот локалитетот Стоби го потпишаа американскиот амбасадор Џес Бејли и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Министерката за култура Канческа Милевска ја истакна важноста на археолошкиот локалитет Стоби кој, како што рече, е еден од нашите најзначајни споменици од римската и доцноантичка епоха кој има извонредно зачувани и раскошно украсени јавни и резиденцијални градби.

„Токму затоа во изминатиот период овој локалитет и неговата соодветна заштита и промоција беа приоритети во програмата на Владата на Република Македонија и Министерството за култура и во таа насока реализиравме бројни активности кои го рехабилитираа ова наше културно богатство… Епископската базилика во Стоби заедно со четирилисната крстилница претставува исклучително културно наследство кое преку зачувуваните архитектонски остатоци, раскошни мозаици и мермерна декоративна пластика нуди драгоцени информации за градителските и уметничките достигнувања на овие наши простори. Мозаикот во крстилницата на Епископската базилика претставува најрепрезентативен и најпрепознатлив симбол на Стоби и на македонското културно наследство“, истакна Канческа Милевска.

Американскиот амбасадор Бејли посочи дека ова е трет грант од Амбасадорскиот фонд на САД наменет за локалитетот Стоби по двата претходни гранта – во 2003 година беше доделен грант од 15.000 долари за археолошки ископувања, а во 2010 година грант од 72.600 долари за заштита на фреските во Епископската базилика.

„Соединетите Американски Држави се горди на партнерството што го имаме во Македонија со Министерството за култура, со музеите, Националната установа Стоби и со други институции во заштитата на вредното културно наследство какво што е ова“, истакна Бејли, додавајќи дека ги разбираат приоритетите на Министерството за култура и НУ Стоби и е среќен што со овој грант ќе се придонесе за заштита и адекватна презентација на крстилницата во Епископската базилика.

dsc_0083-001

Притоа тој посочи дека од Амбасадорскиот фонд на САД почнувајќи од 2001 година досега се доделени 12 гранта за зачувување конзервација и реставрација на вредни споменици на културата во Македонија спомнувајќи ги Кокино, Златковата кула во Кратово, црквата Богородица Перивлепта во Охрид, Шарената џамија во Тетово итн.

Владата и Министерството за култура реализираа бројни активности за локалитетот Стоби – основана е Националната установа Стоби која ќе се грижи за заштитата и одржливиот развој на локалитетот, од 2009 до 2016 се спроведени систематски истражувања на повеќе од 15.000 квадратни метри на кои беа пронајдени околу 30.000 артефакти.

Во изминатиот период беше конзервиран и мозаикот во Куќата на Перистерија, мозаикот во Казиното, дел од мозаиците во Теодосијанската палата и два мозаика во градба со арки, мозаикот од Старата епископска базилика, мозаикот од Синагогата…Веќе се завршени и археолошките истражувања на Храмотна Изида, а во завршна фаза се и годинашните активности од проектот за конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Театарот на Стоби, поставувањето на мозаикот во нартексот на Епископската базилика, како и подготовка на документацијата за идеен и основен проект за заштитна покривна конструкција и презентација на Епископската базилика.

Во наредните три години на Стоби ќе се реализира и проектот за санација и адаптација на Старата железничка станица која во иднина ќе биде центар за посетители со лапидариум, мала музејска поставка и кафетерија за што е избран и изведувач.

dsc_0080-001