ОО на СБ-Охрид и Дебрца упати честитка до граѓаните по повод 11ти Октомври, во која се вели:
„11 Октомври 1941 година претставува врвен израз и логичен продолжеток на револуционерните и слободарски традиции на македонскиот народ, изразени на сите претходни востанија во минатите векови и децении.
Македонскиот народ во тие судбоносни моменти се определи за борба против ропството, против фашизмот – заедно со светската антифашистичка коалиција, борба за остварувањето на вековниот сон за национална слобода и своја држава.
Учеството во вооруженото востание во Народноослободителната борба беше револуционерен и патриотски долг на сите слободољубиви сили. Најнапредните интелектуалци, работници, селани, ја прифатија таа определба и затоа народноослободителната борба во Македонија имаше масовен карактер и се случи војската да биде народ, а народот беше војска.
Од Народноослободителната војна израсна грандиозното АСНОМ-ско дело, слободната македонска држава. На Првото заседание на АСНОМ, се случчи вториот слободарски и победоносен Илинден, се реализираа вековните стремежи на македонскиот народ за добивање национална и социјална слобода.
Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите, ние со почит и благодарност се поклонуваме пред ваквата борба и пред олтарот на сите паднати борци за слободна и самостојна Македонија. Со оваа борба нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава.
Нека ни е честит и вековит 11 Октомври, Денот на народното востание на Македонија и Денот на борецот.“– стои во честитката.