Институтот за истражување и развој на Југоисточна Европа (ИИРЈЕ) – Охрид распишува повик за пријавување на учесници за учество во работилница во рамките на проектот „Креирање на бренд – поттикнување на иновативност и претприемачки дух кај младите во општина Охрид“.
Целта на овој проект е да се стимулираат младите што поседуваат идеја за отпочнување на свој бизнис да создадат бренд со којшто успешно ќе се пробијат на пазарот. Работилницатата во рамки на проектот треба да го поттикне претприемачкиот и лидерскиот дух кај младите невработени лица во Охрид. Конкретната цел на проектот е да оспособи група на млади лица со практични вештини за креирање на сопствен бренд.
Реализацијата на проектот ќе придонесе за развој на иновативно учење, преку размена на содржини, а ќе ја подигне и свеста за практичната имплементација на информатичките технологии за развој на претприемништвото.
Се охрабруваат сите млади невработени лица на возраст од 18 до 29 години кои живеат на подрачјето на Општина Охрид да се пријават за учество во оваа работилница. Сите заинтересирани лица потребно е да испратат мотивациско писмо и свое CV на irdse.contact@gmail.com најдоцна до 1 ноември 2016 година.
За учество во работилницата, предност ќе имаат кандидатите кои веќе имаат разработен концепт за сопствен бизнис и продукт. Обуката за селектираните кандидати ќе биде бесплатна и ќе се изведува на македонски јазик. На крајот од обуката, учесниците ќе се стекнат со сертификати.