Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, денеска, го отвори почетниот состанок на проектот “Постигнувањето на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето”.
Со реализација на овој проект се очекува во текот на 4 години да се зголеми националната мрежа на заштитени подрачја во државата, да се подобрат ефективноста на управување, капацитетите и условите за зачувување на биолошката разновидност и заштита на загрозените видови и живеалишта, потоа да се овозможи интегрирање на заштитата на биолошката разновидност во планирањето на користењето на земјиштето, како и да се спроведат повеќе пилот-проекти.
Во своето обраќање, министерот Амети истакна:
Проширувањето на мрежата на заштитени подрачја од 8 % на 12 % е предвидено во Просторниот план на Република Македонија и Првата Национална Стратегија за биолошка разновидност, како и во Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2014 – 2018 година. Во рамки на оваа компонента ќе се изработи и Студија за валоризација на природните вредности, конкретно за Шар Планина, заради посебните хабитати (живеалишта) и високиот степен на биолошка разновидност. Преку дискусии со релевантните засегнати страни и локалните заедници, преку работилници и јавни расправи, ќе биде идентификувана целната област за заштита. Исто така, ќе биде обезбедена поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање во официјалниот процес на прогласување на Шар Планина за заштитеното подрачје.
Во рамки на проектот најавена е изработка на План за управување со заштитеното подрачје, како и спроведување на обуки за најдобри практики на управување со истото. Од друга страна, со изработката на Индекс за Црвена Листа за Македонија за сите таксономски групи врз основа на IUCN критериуми ќе се овозможи приоретизирање на загрозените видови во државата.
Проектот е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина, а го спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање преку Програмата на ОН за животна средина.