Во врска со денешната прес-конференција, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:
„Денес проследивме нова епизода од серијалот во режија на СДСМ Охрид, кој слободно може да се именува: „Спомени од минатото притоа обидувајќи се да ги исперат своите гревови кон граѓаните и институциите од Охрид, а за тоа да им е крив некој друг„.
Откако во двата мандати кога владееа со Охрид, ги преспаа проблемите на детската градинка сериозно продлабочувајќи ги, и зголемувајќи ги долговите, се дрзнаа да држат прес конференција пред новата и скоро комплетно завршена реконструирана детска градинка.
Зарем заборавија дека градинката ни ја оставија со покрив кој прокиснува, а притоа пред очите на сите родители водата се собираше во пластични кофи? Заборавија ли дека оставија проблематичен вентилационен систем во делот на кујната од каде постојано децата чувствуваа непријатна миризба? Заборавија ли дека системот за парно греење надограден со старата и дотраена столарија немаше капацитет да ги загрее занималните на пристојна температура потребна за грижа и воспитување на децата? Заборавија ли дека лицата кои ги имаа ангажирано во градинката и кои секојдневно одеа на своите работни места не им ги исплатија заслужениете и со пот заработени плати?
Тие можеби заборавија, но граѓаните на Охрид никогаш нема да го заборават нивното мрачно владеење со градот.
Почитувани од СДСМ Охрид,
Објектот пред кој денес стоевте има нова кровна конструкција, нова ПВЦ столарија, нова енергетски ефикасна фасада, комплетно нова водоводна мрежа, за првпат има инсталирана мрежа за топла вода во детските санитарни јазли, а комплетно е нова и канализационата мрежа. Во градинката повеќе ја нема препознатливата миризба на кујната, вработените редовно ги примаат своите плати, а воспитно образовниот процес од оваа година е надополнет и со ангажирани наставници по англиски јазик, физичко воспитување и дефектолози.
Така работиме ние, нашите дела секогаш ќе се спротивни на вашите празни зборови.“- стои во реакцијата.