Во хотел Ривиера, денеска се одржуваат „Денови на доживотно учење“, во организација на Отворениот граѓански универзитет за доживтоно учење „Кузман Шапкарев“. На регионалната манифестација се обрати претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска порачувајќи дека концептот на доживотно учење е проверена практика во европските земји и подразбира образование кое се стекнува во текот на целиот живот, независно од возраста,полот и етничката припадност. Доживотното учење, покрај другото е и моќна алатка за намалување на невработеноста, градење на култура на учење и градење на општество базирано на знаење.
„Во рамките на проектот за доживотно учење, кој во Република Македонија почна да се реализира во 2002 година, реализирани се бројни активности, како што се конференции, работилници и културни случувања. Преку тие активности се врши подигнување на јавната свест за образованието на возрасните, а паралелно секоја година се креираат нови програми, кои се базираат пред се на потребите на пазарот на труд. Доживотното учење се однесува на учење за време на целиот живот заради унапредување на знаењето, вештините и компетенциите во рамки на личното, граѓанското, општественото или професионалното делување на поединецот. На оваа манифестација, ќе имате можност да се запознаете со одредбите од Законот за образование на возрасни, како и со местото, статусот и значењето на Народните универзитети за образование на возрасни во Германија.Посебно интересни ќе бидат и анализите за активностите на локалната самоуправа за поддршка на обуки за возрасни и реализираните проекти“, истакна претседателката Коњановска.
Целта на оваа манифестација е заедно со финансиските поддржувачи да ја подигне свеста за потребата од доживотното учење на секој поединец.