Средба Шекеринска – Дукс

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денес во Министерството оствари средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Н.Е. Ласло Иштван Дукс.

На средбата, министерката Шекеринска изрази благодарност до амбасадорот за долгогодишната поддршка од Унгарија, во напорите за членство на Македонија во НАТО. Во таа насока, амбасадорот Дукс увери дека Македонија може да смета на континуирана поддршка од Унгарија за секој следен чекор во поглед на членството на Македонија во Алијансата.

„Приоритет на Владата и на Министерството пред сè ќе биде да спроведе реформска и реална политика и да ги реши внатрешните предизвици“, истакна министерката на средбата. Таа додаде дека кризната состојба на границата е продолжена до крајот на годината, а припадниците на Армијата се распоредени на јужната граница, бидејќи мигрантската криза претставува константна опасност и мора будно да се следи. Во таа насока амбасадорот посочи дека стабилноста на Балканот е од значење за поширокиот регион и Европа.

Министерката изрази надеж дека билатералната соработка во областа на одбраната ќе се продлабочува и зајакнува, со акцент на заедничките воени вежби како што е големата меѓународна вежба „Saber Guardian 17“, каде во моментов учествуваат 71 припадник на АРМ, од кои 14 припадници на Полкот за специјални операции се во Унгарија.

Соговорниците разговараа и за конкретните можности за развој на билатералната соработка која досега се развива особено во поглед на военото образование. Од македонска страна беа посочени армискиот полигон „Криволак“, Регионалниот центар за односи со јавноста и Военомедецинскиот центар, додека унгарскиот амбасадор истакна дека поддршката со обуки во унгарските центри, меѓу кои и Партнерскиот центар за јазична обука, како и донациите за АРМ ќе продолжат и во иднина.