Штајнмаер: На Европската Унија и се заканува пропаст

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер предупредува дека на Европската Унија би можело да и дојде крајот.

„Ако веќе не умееме да ја цениме вредноста на Европската Унија, тогаш таа ќе пропадне“ – рече Штајнмаер во интервју за „Зидојче цајтунг“.

Според неговите зборови, во текот на минатата година беспоштедно се покажало дека вредностите кои со децении важеле за апсолутно сигурни, одеднаш целосно се доведени во прашање.

„Вечен мир на нашиот континент, Европа без алтернативи – тоа едноставно повеќе не важи. Финансиската криза, бегалскиот бран и шокот поради референдумот во Британија ја турнаа Европската Унија во жестоки турбуленции“ – изјави Штајнмаер и наведе дека до сега десничарските популисти се обидувале да го искористат моментот и наводниот неуспех на ЕУ за придобивање на поддршка.

Германското министерство за надворешни работи, најави тој, ќе покрене еден вид на турнеја по Германија и Европа за да разговара со граѓаните на ЕУ и за нејзината иднина.

„Сакаме да чуеме критика и да видиме што во Европа чини, а што не“ – додаде Штајнмаер.

Извор: meta.mk