На Ќафасан запленети 12 килограми марихуана

Царинските службеници на граничниот премин Ќафасан спречија обид за влез на 12 кг марихуана.

Вчера (10.05.2013 год.) околу 16:00 часот, за влез во државата се пријави автомобил Алфа Ромео со италијански регистарски таблички, управувано од италијански државјанин со иницијали Р.Н. (45) кој патувал заедно со уште еден италијански државјанин со иницијали В.М. (32). На прашање на царинскиот службеник дали имаат нешто да пријават за царинење, лицата одговориле негативно додавајќи дека одат на одмор во Македонија, а потоа и во Бугарија.

Царинскиот службеник одлучил да изврши рутинска контрола и во моментот кога ја отворил задната врата на возилото почувствувал необичен мирис, поради што веднаш одлучил да изврши детален преглед на патниците и на возилото.

Притоа, на различни места во возилото (во багажниот простор, под задната шофершајбна, во двете предни поткрила, позади задното седиште, во предната внатрешната конзола помеѓу менувачот и вентилацијата, како и во просторот под хаубата во делот за вентилација под предната шофершајбна пронајдени се вкупно 24 пакувања со растителна тревкаста материја со зелена боја, облепени со алуминиумска фолија, најлон и самолеплива лента за која со тестирање за дрога е утврдено дека станува збор за марихуана, во вкупна количина од околу 12 кг.

Сторителите и марихуаната беа предадени на царински инспектори од  Одделението за истраги заради превземање на понатамошни предистажни дејстивија.

Од спроведената предистражна постапка, собрани се докази кои укажуваат дека осомничените заедно со уште едно лице, албански државјанин, на 08.05.2013 на аеродромот во Тирана се запознале со тројца албански државјанини кои им понудиле да им продадат марихуана. Откако ја прифатиле понудата, заедно со новите познаници се упатиле кон некое планинско место оддалечено на половина час од Елбасан каде ја набавиле дрогата и ја сокриле во возилото.

Осомничените имале намера преку Македонија, Србија, Хрватска и Словенија повторно да се вратат во Италија и таму да ја продаваат марихуаната, но при обидот биле откриени од страна на царинските службеници.

Марихуана со ваков квалитет во големопродажба на нарко пазарите во Европа би достигнала цена во износ од околу  30 илјади евра, но доколку би се продавала на мало и до 100 илјади евра.

Против сторителите, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, а сторителите се изведен пред надлежен истражен судија.