На учесниците кои ја поминаа обуката на внатрешни ревизори во јавниот сектор денеска во Министерството за финансии им беа доделени меѓународни сертификати. Според министерот за финансии Кирил Миноски со добивањето на сертификатите ќе се подобри квалитетот на внатрешната ревизија и ќе се зголеми одговорноста, транспарентноста и ефикасноста во институциите од јавниот сектор.
„Во периодот од 2012 година до денес беа спроведени три циклуси на меѓународна сертификација на внатрешните ревизори во јавниот сектор со кои беа опфатени вкупно 114 ревизори, од кои 83 успешно ги положија испитите и се стекнаа со меѓународен сертификат за внатрешен ревизор во јавниот сектор“, рече Миноски на доделувањето на сертификатите.
Република Македонија последните неколку години, како што рече Миноски, интензивно спроведува реформи кои имаат за цел да ја унапредат контролата и управувањето со јавните финансии. Во рамки на тие реформи, како што додаде, е и воспоставувањето и развојот на системот на јавна внатрешна финансиска контрола во земјава.
Цел на оваа реформа, како што појасни, е креирање на сеопфатен систем на внатрешни финансиски контроли во јавниот сектор, кој ќе овозможи ефикасно и транспарентно управување со јавните средства.
„Овие активности се и дел од процесот на подготовка на Македонија за успешно спроведување на преговорите за влез во ЕУ од поглавјето посветено на Финансиската контрола. Услов за постигнување на оваа цел е градење на капацитети и институции со помош на кои ќе се зголеми знаењето на државните службеници и разбирањето на меѓународно признатите најдобри практики и стандарди за сметководство и ревизија во јавниот сектор,“ истакна министерот.
Со реализацијата на овој проект, како што рече Миноски, преку пренесување на знаење и размена на идеи и најдобри практики, се овозможи забрзан развој на професијата внатрешен ревизор и зајакнување на професионалната заедница на внатрешни ревизори во земјава. – Крајната цел на проектот е да се подобри квалитетот на внатрешната ревизија и да се зголеми одговорноста, транспарентноста и ефикасноста во институциите од јавниот сектор, додаде тој.
Според амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец најважно е што е создадена мрежа на експерти кои ќе ја промовираат оваа професија во Македонија и, како што рече, ќе им покажат на другите дека тоа добро го правите. Обуките, како што рече, придонесеоа за зголемување на професионалното ниво на внатрешните ревизори во Македонија и ги кренаа на повисоко ниво стандардите.
Проектот „Обука на внатрешни ревизори во јавниот сектор“ Министерството за финансии го реализираше во соработка со Центарот за развој на финансиите од Словенија и Овластениот Институт за јавни финансии и сметководство од Лондон, а истиот е финансиски поддржан од владите на Соединетите Американски Држави и на Република Словенија.