Обраќање на претседателот Иванов по повод одликувањето на Драмски театар – Скопје со „Орден за заслуги за Македонија“

Претседателот Иванов се обрати по повод одликувањето на Драмски театар – Скопје со „Орден за заслуги за Македонија“.

„Театарот е најголемата од сите уметнички форми во која најбрзо човек со човека може да сподели што значи да си човек”, рече драматургот Тортон Вилдер. Се чини, иако во зенитот на својата технолошка и воопшто материјална моќ, човекот има огромна потреба од хуманост.

Живееме во свет во кој сè повеќе луѓе се присутни на интернет-мрежата, а помалку во домот, семејството, заедницата. Интеракцијата со светот за која се потребни сите сетила се заменува со притискање на екранот од смартфонот. Иако постојано поврзани онлајн, сè повеќе луѓе се чувствуваат осамени и отуѓени.

Платон вели дека уметноста е сенка на сенките. Но, денес изгледа дека уметноста е сè помалку сенка, а повеќе вистина и ја има димензијата да нè очовечи, да нè врати во светот на убавото, етичното, да нè насмее и да нè расположи, да ни вдахне живот. Од тие причини кога сè повеќе животите ни наликуваат на виртуелна реалност и холограм, засолниште наоѓаме во театарот. Театарот е простор каде што можеме да ги вклучиме нашите сетила. Место каде живи луѓе, во живо, непосредно пред нас оживуваат ликови, настани, собитија. Нè оживуваат нас самите. Како ниту еден друг уметнички медиум, театарот нуди топлина, блискост и очовечување.

Пред неколку дена и нашиот Венко Андоновски рече дека театарот е врв на реалистичната уметност. За тоа се потребни театри со голем уметнички, професионален и човечки потенцијал.

Ценети пријатели,

Денес имам особена чест да ви се обратам по повод доделувањето Орден за заслуги за Македонија на една од нашите најреномирани театарски, но и, воопшто, културни институции ‒ Драмски театар Скопје.

Во годината кога славиме 25-годишен јубилеј од независноста на Република Македонија, прославуваме и 70-годишен уметнички јубилеј од основањето на Драмскиот театар Скопје. Во изминатите седум децении, на сцената на Драмскиот театар Скопје израснаа генерации и генерации кои учеа за етичкото и за естетското, кои се спознаваа себеси и светот, го осознаваа и го почитуваа животот. Тој процес не смее да запре.

Ова е извонредна можност да им се заблагодариме на сите генерации членови на Драмскиот театар Скопје, кои во изминатите седум децении на сцената и зад сцената создаваа театарска магија која ги облагородуваше и ги исполнуваше посетителите на нивните претстави. Актерите, драматурзите, режисерите, техничкиот персонал, административните работници… се дел од екипата која ревносно и верно ѝ служи на публиката.

Екипата наречена Драмски театар Скопје навистина има причина да биде горда на својата богата историја и на уметничките достигнувања. За ова најдобар свидетел е токму публиката не само на матичната сцена во Скопје, туку низ цела Македонија и пошироко во регионот и во Европа.

Оттука, верувам дека Орденот што денес го доделувам ќе биде уште еден поттик за нови сценски подвизи, нови естетики, освојување нова публика.

Ви посакувам уште многу години театарско волшепство.“- рече претседателот Иванов.

????????????????????????????????????